По години магични изгрејсонца, музика под ѕвездите и слобода на брегот на Дојран, Д Фестивал ја менува својата локација и се сели во Штип.
,,Со срце полно љубов и почит, кажуваме огромно БЛАГОДАРАМ на прекрасните Дојран и дојранчани за сите незаборавни моменти, за гостопримството со кое својот град го направија местото каде што од 2011 година нашите соништа се спојуваа со реалноста.Но, полека и сигурно нашата Д заедница расте, и како дете што го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и Д Фестивал тргнува по нов пат. Ова лето, за јубилејната 15ка, нашиот фестивалски караван продолжува кон ШТИП – опкружени со планини и река, ПОД ИСАРОТ е новата дестинација за најпозитивната фестивалска дружина, нов простор за магија и ново платно за испишување на највозбудливите фестивалски приказни. Нови хоризонти, истиот дух, уште повеќе љубов! Во единствената летна фестивалска авантура во Македонија, СОНУВАМЕ ЗАЕДНО! И заедно го живееме сонот!” , објавија денес организаторите.
Фестивалот годинава ќе се одржи од 4 до 6 јули.
,,Ви благодариме на сите кои помогнавте да го израснеме фестивалскиот бренд во Дојран и кои на тој пат станавте наши особено драги пријатели и дел од нашата Д фамилија: Горан и Билјана Џиневи, фамилијата и целиот персонал на Сендвичара „Џина“, Диниш Катранџиев, Сестра Ефимија и Сестра Февронија, Марика Кетикиду, Костадин Џинев и фамилијата, Андреј Ангеловски, Зоран Петров Антена 5, Коста Јаневски Антена 5 и целиот тим на Антена 5 Радио, Сашо Мацановски Трендо, Марјан Деловски – Дељо, Митко Јанев и целиот тим на Ресторан „Фук Так“, Костадин Трајков – Коце, Митко Арнаудов, Лена, Танка, Анита и сите прекрасни жени од Здружение на жени „Дојран“, Сања и Иле од „Alex Beach“, Светлана од Детското одморалиште, Симона и целиот тим на хотел „La Terrazza“, Тања и Здравко од „Fancy“, Тасим и Ефе Јусуф со нивниот тим, Тони Спиркоски – Тото од Плажа „Стејџ, цела фамилија Истатов и мнооогу многу други! Никогаш нема да ги заборавиме и ќе бидеме вечно благодарни и на: чичко Благоја Истатов, Глигор Чабулев и Никола Џинев”, објавија од Д Фестивал.