Цените на нафтата нагло пораснаа откако се појавија извештаи дека САД се подготвуваат за „продолжена“ блокада на Иран. Глобалната референтна цена на нафтата тип Брент вчера надмина 120 долари по барел, достигнувајќи највисоко ниво од 2022 година.
Според информации на BBC, раководители на енергетски компании, меѓу кои и извршниот директор на Chevron, Мајк Вирт, се сретнале со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа за да разговараат за последиците од конфликтот врз потрошувачите. Пазарите го протолкувале состанокот како сигнал дека блокадата на Хормушки теснец ќе трае подолго.
Овој теснец е клучен за глобалната енергетска снабденост, бидејќи преку него се транспортира околу една петтина од светската нафта и течен природен гас. Конфликтот доведе до сериозни нарушувања во поморскиот сообраќај, а Иран значително ја ограничи пловидбата како одговор на американските и израелските напади што започнаа на крајот на февруари.
И покрај осцилациите во изминатите недели, цената на нафтата останува значително повисока отколку пред почетокот на кризата. Во меѓувреме, иранската економија се соочува со сериозни проблеми – инфлацијата достигна 53,7 проценти, националната валута ријал падна на рекордно ниско ниво, а околу два милиони луѓе останале без работа како последица од војната.
Доналд Трамп повика Иран да постигне договор и да го прекине конфликтот, додека американските власти разгледуваат продолжување на блокадата за да извршат дополнителен економски притисок врз Техеран.
Во меѓувреме, Светска банка прогнозира дека цените на енергијата во 2026 година ќе пораснат за 24 проценти, доколку најголемите нарушувања се стабилизираат во наредните месеци.
Пазарите реагираа со пад на европските берзи – индексот FTSE 100 во Лондон опадна за 1,2 проценти, CAC 40 за 0,39 проценти, а DAX за 0,27 проценти. Во САД индексот S&P 500 остана речиси непроменет, додека азиските пазари покажаа знаци на закрепнување.
Експертите предупредуваат дека финансиските пазари веќе почнуваат да ја пресметуваат можноста за долготрајна блокада и дополнителен раст на цените.