Цените на бензинот во САД на рекордно ниво поради кризата во Ормускиот теснец

Цените на горивата во САД нагло пораснаа поради ескалацијата на конфликтот во Ормускиот теснец и нарушените залихи на нафта. Пазарот се соочува со сериозен притисок и нестабилност.

Просечната цена на бензинот во САД достигна 4,51 долар по галон, што е највисоко ниво од јули 2022 година, покажуваат податоците на компанијата „GasBuddy“.

Зголемувањето на цените е директно поврзано со ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и САД, како и со нарушувањата во Ормускиот теснец, клучна рута за глобален транспорт на нафта, каде што движењето на бродовите е сериозно ограничено, пренесува ABC.

Според податоците, цената на бензинот пораснала за 21 цент по галон само во последната недела, додека од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари е повисока за повеќе од 1,5 долари. Главниот аналитичар на „GasBuddy“, Патрик Дехан, предупредува дека цените би можеле дополнително да растат поради ниските залихи и високата неизвесност на пазарот.Тој истакнува дека залихите на бензин во САД се веќе на повеќегодишни сезонски минимуми, што дополнително ќе создава притисок врз растот на цените.

Во меѓувреме, Централна команда на САД започна операција за обезбедување безбеден премин на комерцијалните бродови низ теснецот, додека американските власти ја обвинуваат Иран за напади врз трговски бродови и нарушување на пловидбата. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека Иран мора да овозможи слободен премин на бродовите, предупредувајќи на можни последици доколку нападите продолжат.

Кризата во Ормускиот теснец и натаму создава сериозни потреси на глобалниот енергетски пазар, со раст на цените и страв од нови нарушувања во снабдувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни