Централниот, јужниот и источниот дел од Македонија попладнево се под висок ризик од појава и брзо ширење на шумски пожари и пожари на отворен простор, предупредува Центарот за управување со кризи. Според податоците од МКФФИС системот, зголемувањето на дневните температури го крева метеоролошкиот индекс за опасност од пожари на критично ниво. Надлежните апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни при движење во природа.
Според информациите што ги соопшти директорот на ЦУК, Мухамет Али, мерењата од 09:00 часот изутрината покажале дека со порастот на температурите сериозно се зголемува и Fire Weather Index (FWI). Овој метеоролошки показател директно укажува на ризикот од брзо разгорување и ширење пожари со голем интензитет.

Додека во источниот, централниот и јужниот регион индексот достигнува многу високи вредности, во останатите делови од земјата е забележан висок индекс. Единствен исклучок се повисоките планински предели каде што овој ризик засега е низок.
Поради неповолните временски услови, од ЦУК испратија апел до сите граѓани за одговорно однесување. Посебно предупредување се односува на луѓето кои престојуваат или се движат во шумски зони и на отворен простор.
Во вакви метеоролошки околности, дури и најмала искра или невнимателно постапување може за кратко време да прерасне во голем пожар што брзо би зафатил обемни површини. Центарот информира дека ја следи состојбата на терен во реално време и ја координира работата на сите надлежни служби.