Паника во Сибир по смртта на лаборантка од чума

Смртта на 28-годишна вработена во Институтот за борба против чума во Иркутската област предизвика страв од појава на белодробна чума. Рускиот Роспотребнадзор тврди дека состојбата е стабилна и дека жената починала од пневмонија со непозната причина.

Страв од можна појава на чума се прошири во руската Иркутска област, во Сибир, по смртта на 28-годишна лаборантка која работела во Институтот за борба против чума. Гласините за наводна инфекција со чума се проширија откако Дарија Шипилова почина во раните утрински часови на 2 октомври во одделението за интензивна нега во болницата во Шелехов.

Според локалните медиуми и независни извори, Шипилова на 25 септември, додека работела со жив биолошки материјал, наводно скршила епрувета во која се наоѓала бактеријата Yersinia pestis, предизвикувачот на чумата. Нејзината здравствена состојба нагло се влошила два дена подоцна, по што била пренесена во болница. Сепак, руските здравствени власти не потврдуваат дека причината за смртта била чума.

Карантин и маски по смртта на лаборантката

Случајот предизвика дополнителна загриженост откако околу 200 лица биле ставени под строг медицински надзор. Во Шелехов се забележани луѓе со заштитни одела, маски и ракавици, а локални родители известуваат дека заштитни маски биле поделени и во градинките.

Во саботата било воведено задолжително носење маски во фабриката за алуминиум во Шелехов. Локалните медиуми исто така објавија информации за карантински мерки во неколку здравствени установи, што дополнително ги засилило стравувањата кај населението.

Според извештаите за случајот, Шипилова првично била примена со сомневање за тешка вирусна инфекција, но нејзиното брзо влошување ги натерало лекарите да направат дополнителни тестирања за опасни инфекции. Таа била ставена на респиратор, но не успеала да се спаси.

Белодробната форма на чума може да напредува многу брзо и без навремено лекување со соодветни антибиотици може да биде смртоносна. Токму поради тоа, информациите за наводниот инцидент во лабораторијата предизвикаа голема загриженост.

Зошто властите прво не го спомнувале зборот „чума“?

Реакцијата на руските власти дополнително ги поттикна шпекулациите. Шефицата на Роспотребнадзор, Ана Попова, итно пристигнала во болницата во Шелехов и учествувала на вонреден состанок на санитарната и антиепидемиската комисија, со која претседавал гувернерот на Иркутската област, Игор Кобзев.

Во првите 24 часа по случајот, локалните власти избегнувале директно да го користат зборот „чума“. Кобзев зборувал за „особено опасна инфекција“ и уверувал дека ситуацијата е под контрола. Следниот ден властите во Бајкалск повикале граѓаните да не патуваат во Шелехов поради опасност од чума, но објавата била избришана неколку часа подоцна.

И шефот на Бурјатија, Алексеј Циденов, првично изјавил дека смртта на жената била поврзана со инфекција со чума, повикувајќи се на информации од Роспотребнадзор и регионалната влада. Неговата изјава подоцна била изменета во повнимателна формулација.

Нејасните и променливи информации брзо го засилиле стравот на социјалните мрежи во Иркутската област и соседните региони.

Роспотребнадзор: Состојбата е стабилна

Во неделата, сепак, Роспотребнадзор излезе со поинаква слика. Федералната служба соопшти дека санитарно-епидемиолошката состојба во Иркутската област, како и во Иркутск и Шелехов, е стабилна.

Според официјалното соопштение, жената починала од „пневмонија со непозната етиологија“, односно причина, а дополнителните анализи на примероците земени од пациентката не откриле микроорганизми поврзани со нејзината професионална работа.

Роспотребнадзор исто така соопшти дека во Институтот за борба против чума не бил регистриран инцидент со патогени микроорганизми. Оттаму тврдат и дека во последните десет дена ниту еден вработен во установата не побарал медицинска помош поради заразна болест.

Засега, според официјалната верзија, нема потврдена епидемија на чума во Иркутската област. Но, контрадикторните информации за причината за смртта, мерките преземени по случајот и првичната воздржаност на властите во именувањето на инфекцијата оставија простор за шпекулации и страв кај населението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс