„Чиста Околина“ слави 30 години од првиот албум со ексклузивно винил издание

Култниот деби материјал излегува во тираж од само 300 примероци како двоен албум со досега необјавени траки и ремастериран звук.

Македонската хип-хоп група „Чиста Околина“ ја одбележува 30-годишнината од деби албумот „Новиот аспект на старата школа“ со прво винил издание. Јубилејниот проект излегува како двоен албум во строго ограничен тираж од 300 примероци, дополнет со претходно необјавени архивски траки. Преднарачката почнува денеска преку социјалните мрежи на издавачот „ЧувДеЧув“.

Јубилејното издание доаѓа во форма на двоен албум (Gatefold Vinyl Sleeve) со две плочи од 180 грама во боја. За ова издание е направен нов звук – целосниот материјал го ремастерираше германскиот аудио инженер Рој Реклис (Roy Recklies), додека плочите се печатени во фабриката „SonyDADC“.

Издавачи на проектот се независните етикети „ЧувДеЧув“ и „Тиква Шарена“. Покрај песните од оригиналната постава на албумот кој го дефинираше почетокот на домашниот хип-хоп звук, на плочите ќе се најдат и неколку архивски снимки кои досега воопшто не беа официјално објавени.

Издавачот отвори десетдневен прозорец за преднарачки кој трае од 5 до 15 септември. Првите 50 купувачи што ќе направат резервација добиваат повластена цена од 2.500 денари, додека редовната продажна цена на винилот потоа ќе изнесува 3.000 денари.

Резервациите се прават исклучиво директно преку профилите на „Чув Де Чув“ на Фејсбук и Инстаграм. Со оглед на тоа што целиот тираж е фиксиран на само 300 парчиња, издавачите најавија дополнителни технички детали и термини за преземање на пратките во текот на наредните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс