,,Чии се јавните простори?”- нов настан од серијалот ,,Родот и градот”

Во среда во 19 часот во ,,Јадро” ќе се одржи уште еден од настаните во серијалот ,,Родот и градот” во организација на Коалиција МАРГИНИ во соработка со Реактор. Настанот ќе го води авторката и истражувачка Ивана Јовановска, а говорнички ќе бидат: Надица Банишка, Калина Дуковска, Ивана Драгшиќ и Јана Димитрова.

На дискусијата ќе бидат отворени прашања поврзани со безбедноста на жените и квир луѓето преку преиспитување на јавните простори и нивната достапност за сите. Ќе се разговара за сензитивноста на она што се дефинира како јавен простор, но и отуѓеноста која произлегува од вознемирувањето на јавните површини, насилството и сообраќајот. Истовремено, ќе се отворат и теми поврзани со културата и односот кон просторот, нивната достапност и алтернативните практики преку кои се обидуваме да ги заземеме, како и недостатокот од културни механизми преку кои ќе се развива градот.

Настанот ќе се фокусира и на теми поврзани со градењето на заедништво, солидарност и грижа токму преку разговорот со културните активистки и нивните искуства и досегашниот придонес. Присутните ќе имаат можност да се запознаат со новата платформа и апликација на Реактор поврзана со безбедноста на жените и јавните простори која ќе биде промовирана на настанот.

За учесничките:

Ивана Јовановска е авторка, компаратистка и истражувачка од Скопје со студии на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Колумнистка е на медиумската платформа ,,Трн”, а нејзини текстови може да се читаат и феминистичкиот портал ,,Медуза”. Јовановска пишува и истражува теми поврзани со уметноста и книжевноста во пресек со општествената ангажираност, човековите права и политиките на заедништво низ секојдневните пракси. Односот кон јавниот простор и градот заземаат важен дел во нејзините интереси и пишување и континуирано ги преиспитува во различни форми. Авторка е на стихозбирките „На ракавот на градот“ (2021, ПНВ Публикации) и „Номадски затвори“ (2023, ПНВ Публикации).

Јана Димитрова работи како помлада истражувачка во Реактор од 2024 година, учествува во спроведување на истражувањата и во нивната квалитативна анализа. Таа исто така е одговорна за спроведување на оперативни и комуникациски активности.

Родена е во 1999та во Скопје. Таа дипломираше на Универзитет Утрехт во 2020 година, во насока на меѓународни односи и религиозни студии. Пред да почне со работа во Реактор, Јана стекна искуство во проекти за младинско учество, неформално образование и сексуално и репродуктивно здравје и права.

Надица Банишка е дипломиран педагог со искуство во неформалното образовнаие, активистка и менаџерка и букерка во независната музичка издавачка куќа Мртов коњ. Во последно време главен интерес и се различните начини на заедничарење и активно работи на креирање на простори за развој на заедничарски практики преку учествување и организирање на настани во градот кои го негуваат и поттикнуваат алтернативниот и бунтовен дух.

Ивана Драгшиќ е социолог и културна работничка заинтересирана за контракултурни пракси, институционална иновација, комонс и слободно време. Таа е активна истражувачка, авторка и уредничка на изданија од областа на заедничките добра и екофеминизмот, со силен афинитет кон концептите со кои се испреплетуваат: јавни простори, урбано зеленило, самоуправа и ресурси, универзален основен приход, меѓу-зависност и конвивијалност. Драгшиќ е диџејка и за клабери и дрег кралици.

Калина Дуковска е дипломиран економист при универзитетот во Љубљана и двоен магистер по меѓународна и еколошка економија при Школата за Економија во Берлин и Универзитетот Сорбона, Париз. Активист и дел од тимот на КЕЦ Лабораториум. Член на неколку феминистички организации во државите во кои ги завршува студиите и борец за местото на жените во независната културна сфера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс