Од 5 до 7 јуни 2026 година, Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде домаќин на четвртото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност — „Стрип Трип“.
Главен гостин на „Стрип Трип“ 2026 е Бобан Пешов, италијански илустратор со потекло од Македонија, актуелен со графичката новела „C’era una volta l’Est“ / „Беше еднаш на Истокот“. Делото е добитник на повеќе признанија, меѓу кои наградата „Gran Guinigi“ на фестивалот Лука Комикс и наградата „Palmarès“ на неаполскиот Комикон. На фестивалот, Пешов ќе го промовира македонското издание на „Беше еднаш на Истокот“, а ќе се претстави и со изложба и цртачка сесија.
Специјален гостин е и Алекса Гајиќ, реномиран стрип-автор од Србија, кој ќе ја промовира својата најнова книга „Проширено поле на стрипот“ и ќе го прикаже краткиот анимиран филм „Крал на ништо“.
Во меѓународната програма учествуваат и Белкис Аксу од Турција, која ќе ги претстави своите мини-стрипови, како и Владимир Весовиќ од Србија, кој ќе одржи мастерклас и работилница за стрип.
Македонската стрип-сцена на фестивалот ќе ја претстават: Тони Анастасовски, Методија Стојановски, Јордан Коцевски, Ивана Атанасовска, Таки Гаковски, Димитри Балојани, Златко Крстевски и Ивица Дукоски. Во рамки на фестивалот, на авторот, уредник и издавач Никола Гелевски ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“, со која се оддава признание за неговиот придонес кон македонското стрип-творештво.
Програмата вклучува:• три изложби со стрип-табли и илустрации од гостите и учесниците на конкурсите;• промоции на нови домашни и регионални стрип-изданија;• панели, презентации, мастерклас и работилница за стрип;• цртачка „џем“ сесија со гостите;• берза на стрипови, друштвени игри и поткаст во живо;• диџеј сетови на Галатеа, Владодлак и Игор Калц.
Ко-организатори на фестивалот се стрип-книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип-културата „Макстрипови“ и издавачката куќа „Стрип Квадрат“.
Поддржувачи на македонската стрип-сцена вклучени во фестивалот се „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“ и „Катран Комикс“.
Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар, а спонзор на настанот е Скопско Смут.