Стендап-комичарот Бојан Велевски денеска ја најави својата нова турнеја „Chat GPT и Македонците“, која стартува на 27 септември во Тетово, ќе помине низ единаесет градови низ Македонија, а големото финале е закажано за 17 ноември во Скопје.
Во фокусот на новото шоу е една од најактуелните теми денес: вештачката интелигенција. Но, наместо уште една сериозна дебата за тоа дали AI ќе ни ги земе работните места и како ќе ни го промени животот, Велевски ја врти приказната од македонска перспектива: што ќе се случи кога ChatGPT ќе се соочи со Македонците?
– Сите се плашат дека ChatGPT ќе нè замени. Јас велам, работата нека ја земе, платата нека остане. А кога ќе види со кого си има работа овде, мислам дека повеќе AI треба да се плаши од нас отколку ние од неа, вели Велевски.
„Chat GPT и Македонците“ преку препознатливи ситуации, локални карактери и секојдневни апсурди зборува и за нешто поголемо: колку брзо технологијата ни го менува животот, но и колку упорно ние успеваме секоја нова технологија да ја приспособиме на нашиот начин на живот.
Ко-автор на текстот е Божидар Божиновски, на кого ова му е трета соработка од овој тип со Бојан Велевски. Тој претходно беше текстописец на “Све ли ја да мислам” (2023) и политичката сатира “МОЖЕВМЕ” (2024).
Генерален спонзор на турнејата се ланецот маркети SPAR, а поддржувачи на проектот се GET ONE и New Moment.
Публиката пред настапот на Бојан Велевски, ќе ја загрева Боби Додевски.
Турнејата започнува на 27 септември во Тетово, во „Иљо Антески Смок“, а продолжува во Гевгелија на 7 октомври, Струмица на 14 октомври, Велес на 21 октомври, Кавадарци на 28 октомври, Битола на 31 октомври, Охрид на 5 ноември, Прилеп на 6 ноември, Штип на 9 ноември и Куманово на 12 ноември.
Финалниот настап е закажан за 17 ноември во Скопје, во Ресторан Парк – Ragusa Group. Сите претстави започнуваат во 20:00 часот, а билетите се веќе во продажба: https://www.kupikarta.com/
Посебно место во рамки на турнејата ќе има Кочани, каде Бојан Велевски ќе одржи бесплатен настап за граѓаните. Одлуката настапот да биде без продажба на билети е гест кон градот и неговите жители по трагедијата која длабоко ја потресе целата земја.
– Кочани за мене не може да биде само уште една станица на турнејата. По сè што овој град и овие луѓе поминаа, сакав да дојдеме без билети и без комерцијален момент. Не можеме да ја смениме трагедијата, но можеме барем за една вечер да бидеме заедно и да донесеме малку смеа таму каде што долго ја немаше доволно, вели Велевски.