Character.ai оди во стечај по тужби за самоубиства на тинејџери

Апликацијата за вештачка интелигенција се соочи со низа правни постапки за нарушено ментално здравје кај младите, додека Дизни презема дел од технологијата.

Американскиот стартап за вештачка интелигенција Character.ai поднесе барање за стечај по серија тужби кои ја поврзуваат платформата со нарушување на менталното здравје и самоубиства кај тинејџери. Платформата, која им овозможуваше на милиони млади корисници да развиваат емоционална комуникација со персонализирани чет-ботови, влегува во судска распродажба на имотот за да избегне целосно гаснење на сервисот.

Платформата им овозможуваше на корисниците да разговараат со виртуелни ликови моделирани според познати личности, филмски јунаци или сопствени креации. Овие ботови користеа детални описи на гестови и емоции за да симулираат вистински човечки односи.

Проблемот ескалираше кога ранливи тинејџери почнаа да поминуваат часови во изолација, развивајќи зависност и длабока емоционална поврзаност со алгоритмите. По неколку трагични случаи на одземање на сопствениот живот кај малолетници, семејствата поднесоа тужби во кои тврдат дека системот поттикнувал депресивни состојби и самоповредување без соодветни заштитни филтри. Правните трошоци и падот на угледот директно го турнаа стартапот кон банкрот.

Раководството на компанијата потврди дека преку судски надгледувана продажба до крајот на годината ќе бара нов сопственик за да го одржи серверот активен. Како главен партнер се појави корпорацијата Дизни, која договори исплата од 20 милиони долари за преземање на дел од интелектуалната сопственост.


Договорот предвидува вклучување и на поранешни инженери на стартапот кои веќе работат за Дизни. Дополнително, доскорешниот директор на Character.ai, Карандип Ананд, минатиот месец официјално премина на позицијата главен директор за технологија во забавниот гигант.

е-Трн да боцка во твојот инбокс