Чадот од шумските пожари опасен колку и огнот, загадениот воздух патува илјадници километри

Истражувањата покажуваат дека влијанието на чадот од шумските пожари врз здравјето можеби е значително потценето

Додека Европа се соочува со сè почести и поразорни шумски пожари, експертите предупредуваат дека опасноста не завршува таму каде што ќе згаснат пламените. Чадот и ситните токсични честички можат да патуваат стотици, па дури и илјадници километри, загрозувајќи го здравјето и на луѓето кои живеат далеку од пожарите.

Според експертите за квалитет на воздухот, чадот од шумските пожари содржи црн јаглерод и други микроскопски честички кои продираат длабоко во белите дробови, а дел од нив можат да навлезат и во крвотокот. Краткорочно, тие можат да предизвикаат иритација, кашлица и влошување на астмата, додека долгорочната изложеност се поврзува со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар, рак на белите дробови и други сериозни здравствени последици.

Истражувањата покажуваат дека влијанието на чадот од шумските пожари врз здравјето можеби е значително потценето. Научниците предупредуваат дека честичките кои настануваат при горење на шумите можат да бидат поштетни од загадувањето што потекнува од други извори.

Експертите нагласуваат дека климатските промени, екстремните горештини и продолжените сушни периоди создаваат идеални услови за појава и брзо ширење на пожарите. Истовремено, тие создаваат маѓепсан круг: пожарите дополнително го загадуваат воздухот и испуштаат големи количества стакленички гасови, што придонесува за натамошно затоплување на климата и уште поголем ризик од нови пожари.

Како да се заштитите?

Здравствените експерти препорачуваат граѓаните редовно да го следат индексот на квалитетот на воздухот, особено во периоди кога има активни пожари во регионот. Доколку загадувањето е високо:

  • останете во затворени простории колку што е можно повеќе;
  • држете ги прозорците и вратите затворени;
  • користете прочистувач на воздух доколку имате можност;
  • ако мора да излегувате, носете добро прилега маска од типот N95, KN95 или KF94, која може значително да ја намали изложеноста на штетните честички.

Научниците предупредуваат дека со продолжувањето на климатските промени сезоните на шумски пожари најверојатно ќе стануваат подолги и поинтензивни, што значи дека загадувањето предизвикано од чад ќе биде сè почест проблем и за регионите кои не се директно погодени од огнените стихии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс