Групната изложба „Центарски Улици 4“ ги обединува делата на студентите по ликовна уметност од АУЕ ФОН, создадени како непосреден уметнички одговор на настанот „Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“, кој се одржа на 15 април 2026 година на улица Македонија во Скопје.
Цртежите се создадени во живо, директно на местото на настанот, додека улицата била исполнета со уметници, граѓани и различни културни содржини. Така, студентите ја забележале атмосферата на јавниот простор и ја преточиле во сопствени уметнички визии.
„Центарски улици 4“ ја претвори улица Македонија во отворена уметничка сцена со ликовни уметници, улични изведби, музика и други уметнички содржини. Настанот е дел од Годишната програма за култура на Општина Центар и е реализиран од Тим Театрос К, со АУЕ ФОН како соработник.
Изложените дела го бележат токму тој момент на непосредна средба меѓу уметноста и градот. Луѓето, движењето и случувањата на улицата стануваат мотиви преку кои младите автори го прикажуваат начинот на кој го доживеале настанот.
За студентите, ваквиот начин на создавање претставува можност уметноста да се создава во директен контакт со публиката и со просторот, наместо исклучиво во ателје. Настанот „Центарски улици 4“ и претходно беше замислен како платформа за поголема видливост на младите уметници и нивен директен контакт со јавноста.
Групната изложба „Центарски Улици 4“ на тој начин го продолжува настанот од април, но во поинаков формат, овозможувајќи публиката повторно да ја види атмосферата на тој ден преку цртежите на младите автори.
Публиката е поканета да ја посети изложбата и да ги види уметничките визии на студентите кои го овековечија духот на денот посветен на уметноста, градот и неговите улици.