Цените во маркетите засега се стабилни. Тоа би звучело како добра вест доколку не беа стабилно високи, додека животниот стандард останува стабилно низок.
Нов ризик за семејните буџети носи поскапувањето на горивата. Повисоките транспортни трошоци може да се прелеат врз цените на производите, предупреди министерот за економија Бесар Дурмиши. Во превод, секое полнење на резервоарот има потенцијал на крајот да се појави и на сметката од маркетот.
Пазарните инспектори ќе следат како се движат маржите кај трговците и дали евентуалните поскапувања произлегуваат од зголемените трошоци или од желбата кризата да се искористи за малку поголема заработка.
Дурмиши најави дека државата ќе интервенира доколку контролите покажат неоправдан раст на бруто-профитните маржи.
„Нормално дека кога ќе се зголеми цената на нафтата, тоа ќе влијае, но ние ќе гледаме според административните механизми што ги имаме да интервенираме ако се зголемува бруто-профитната маржа. Пак ќе направиме контроли“, изјави министерот.
Тој посочи дека Македонија, според цените, е меѓу најевтините земји во регионот. Останува ситниот технички проблем што граѓаните не купуваат со регионални статистики, туку со македонски плати.
Трговците бараат промени, казните може да пораснат
Трговците во меѓувреме бараат измени во Законот за нефер трговски практики, со кои повторно би им било дозволено непродадената роба да им ја враќаат на добавувачите.
Министерот најави средба со нивните претставници, но претходно треба да се утврди колкави загуби навистина имаат поради непродадените производи. Сегашните правила се усогласени со европските препораки, па за нивното менување ќе треба да се разговара и со Европската Унија.
Со планираните законски измени се предвидува и значително зголемување на казните, во одредени случаи до десет пати. Дотогаш инспекторите ќе контролираат, трговците ќе пресметуваат, Министерството ќе набљудува, а граѓаните ќе продолжат со најсигурната антикризна мерка: ќе купуваат помалку.
Од оваа недела се применува и мерката за поевтин училишен прибор. Трговците на големо треба да ги намалат цените најмалку за 10 проценти, а во малопродажбата најмалку за 15 проценти. Олеснувањето пристигнува навреме, бидејќи по купувањето ранци, тетратки и прибор, на многу семејства септември и онака им трае приближно до следната плата.