Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на горивата во просек за 5,88 отсто. Новите цени стапуваат во сила од 21 јули, од 00:01 часот. Согласно одлуката, дизелот поскапува за шест денари по литар и ќе се продава за 94 денари, додека бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 поскапуваат за три денари.
Малопродажната цена на Еуросупер БС-95 од утре изнесува 90,00 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе се продава по 92,00 денари за литар. Цената на Еуродизел БС скока на 94,00 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за седум денари и новата цена изнесува 93,00 денари за литар. Мазутот М-1 НС поскапува за 3,205 денари и еден килограм ќе чини 45,373 денари.
Главна причина за корекцијата е трендот на раст на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка од 13 јули, цените на дизелот на берзите пораснаа за 14,96 отсто, кај екстра лесното масло за 13,20 отсто, а кај бензините за 9,00 отсто.
Курсот на денарот во однос на американскиот долар изнесуваше 53,8991 денари за долар, што е минимално намалување од 0,10 отсто во споредба со претходниот обрачунски период.
Поскапувањата на горивата доаѓаат во моменти кога Владата на Република Северна Македонија најави дека ќе ги намалува акцизите за горивата.
Во финалната цена од 90 денари за литар Еуросупер БС-95, акцизата учествува со 21,00 денар, додека кај дизелот акцизата изнесува 13,50 денари.