Рекорден скок на цената на електричната енергија во регионот

Скок на цената на електричната енергија за повеќе од трипати на берзите во регионот, а главен фактор се летните топлотни бранови.
Фото: United Nations Photo/Flickr

Цените на електричната енергија на берзите во Југоисточна Европа урнаа рекорди, откако невообичаено високите температури и зголемената употреба на уреди за ладење ја кренаа побарувачката до максимум. Во одделни пиковни часови цената надмина 500 евра за мегават-час. Овој ценовен шок го засега целиот регион, вклучително и Македонија, каде што домашната производство е под притисок, а зависноста од увоз дополнително ги зголемува трошоците.

Сушата и тропските температури кои го зафатија Балканот предизвикаа драстичен раст на потрошувачката на струја, пред сè поради масовното користење на клима-уредите. Во исто време, намалениот водостој на реките ја ограничи производната моќност на хидроелектраните, што создаде сериозен дефицит на струја во регионот.

На берзите во Грција, Бугарија, Унгарија и Србија, просечните дневни цени за кратко време скокнаа од вообичаените 80 до 100 евра на над 300 до 400 евра за мегават-час, додека во вечерните часови беа забележани и рекордни пикови.

Македонскиот енергетски систем не е изолиран од случувањата во соседството. Дел од потребите за струја на слободниот пазар, кои ги купуваат компаниите и индустриските капацитети, директно зависат од цените на регионалните берзи како HUPX и IBEX.

Иако регулираниот пазар за домаќинствата е заштитен со домашни капацитети и субвенционирана цена, секој долготраен ценовен шок на регионалните берзи прави дополнителен притисок врз државните енергетски компании и ја зголемува потребата од увоз во период кога ресурсите се најскапи.

Енергетските експерти предупредуваат дека еден од главните проблеми за овој скок е слабата мрежна поврзаност меѓу Централна и Југоисточна Европа. Во услови кога Западна Европа има вишоци од обновливи извори, тие не можат во целост да се пренесат кон Југоисточна Европа поради ограничените капацитети на далеководите.

Оваа ситуација повторно ја отвори дебатата за потребата од подлабоки инвестиции во обновливи извори, но и во системи за складирање енергија (батериски системи) кои би го ублажиле пиковниот притисок во летните месеци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс