Авион на американската авиокомпанија „Делта ерлајнс“ кој летал од Барселона кон Бостон принудно слетал во Порто, Португалија, откако во кабината бил пријавен чад. Осум патници биле згрижени на пистата, а тројца биле пренесени во болница. Летот DL251 бил пренасочен кон аеродромот „Франсиско Са Карнеиро“ во Порто, каде што безбедно слетал, соопштила авиокомпанијата, пренесува „Ројтерс“.
Според податоците на „Флајтрадар24“, авионот полетал од Барселона во 15:15 часот, а во Порто слетал во 17:45 часот.
Станува збор за авион „Ербас А330“. Портпаролката на португалската Национална управа за вонредни ситуации и цивилна заштита изјавила дека осум патници биле згрижени на пистата по слетувањето, додека тројца биле пренесени во болница. Причината за принудното слетување бил пријавен чад во кабината. Компанијата соопштила дека летот бил пренасочен поради технички проблем.
Засега нема дополнителни информации за состојбата на патниците ниту за точната причина поради која се појавил чадот во кабината.