Во Бугарија е отворена првата овчарска академија која на сите заинтересирани ќе им го покаже етапниот процес на одгледување и чување овци. Целата едукација ќе се одвива во склад со старите обичаи, а воедно тоа е и една од главните цели да се сочува од заборав овчарската традиција.
Во секоја од четирите сезони на обука, учесниците ќе може да учат за разни фази на овчарството. Покрај изучување на историјата на автохтоните раси на овци во Бугарија учесниците ќе ги совладаат и техниките на молзење, но и ќе научат како овците се носат на паша, а и како им се изработува штала.

Во првата сезона се пријавиле 20 заинтересирани возрасни лица и осум деца кои активно учествуваат во чување стада на две традиционални видови – каракачанска и долговлакнеста планинска овца.
Со оваа академија организаторите сакаат да го поттикнат зачувувањето на автохтоните видови овци кои ги сметаат за живо национално богатство. Каракачанската овца, која е отпорна на остра клима, болести, инфекции, како и долговлакнестата планинска овца имаат важна улога во зачувување на екосистемот во планиските делови на Бугарија.
Извор: nbp.bg