Брзите диети не се решение пред лето, предупредува Институтот за јавно здравје

Институтот за јавно здравје предупредува дека брзите диети можат да имаат негативни последици врз здравјето и да доведат до враќање на килограмите. Наместо тоа, се препорачува балансирана исхрана и постепено слабеење. Апелот доаѓа во период кога многумина бараат „брзи решенија“ пред летната сезона.

Експертите од Институт за јавно здравје Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ предупредуваат дека брзите диети не се ефикасно решение за слабеење, особено во пресрет на летото кога интересот за вакви режими нагло расте.

Со доаѓањето на потоплите денови, многу луѓе се обидуваат брзо да ги намалат килограмите наталожени во текот на зимата, но токму тогаш, според стручњаците, се појавуваат бројни „чудотворни“ диети кои ветуваат брзи резултати со минимален труд. 

Според нив, ваквите рестриктивни режими најчесто даваат краткорочни ефекти и можат да доведат до таканаречен „јо-јо ефект“, односно брзо враќање на изгубените килограми. Дополнително, тие може да предизвикаат забавување на метаболизмот, губење на мускулна маса и намалено ниво на енергија. 

Недоволниот внес на хранливи материи, предупредуваат експертите, може да резултира со замор, намалена концентрација и општ пад на виталноста, што го прави ваквиот пристап не само неефикасен, туку и потенцијално штетен за здравјето. 

Наместо тоа, препораките се насочени кон постепено слабеење преку урамнотежена и разновидна исхрана. Во пролетниот период, акцентот треба да биде ставен на свежо овошје и зеленчук, комбинирани со извори на протеини како пилешко месо, риба, јајца или мешунки.

Експертите советуваат денот да започне со хранлив појадок, додека ручекот да биде избалансиран оброк со протеини и зеленчук, а вечерата полесна. Ужините може да вклучуваат овошје, јаткасти плодови или млечни производи.

Заклучокот на експертите е дека долгорочните навики во исхраната и физичката активност се клучни за здраво и одржливо слабеење, наместо краткорочни и рестриктивни диети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни