Британка обвинета дека измамила 14 лица: се претставувала како членка на кралското семејство на Брунеј

Дион Мари Хана се соочува со 39 обвиненија во Сингапур, откако жртвите тврдат дека им земала пари претставувајќи се како членка на кралското семејство на Брунеј.

Дион Мари Хана се соочува со вкупно 39 обвиненија во Сингапур, откако жртвите тврдат дека им ветувала враќање пари од наводно кралско наследство.

Осумдесет и петгодишната Британка Дион Мари Хана се соочува со нови обвиненија за измама во Сингапур, откако жртвите тврдат дека им земала пари претставувајќи се како членка на кралското семејство на Брунеј. Според Би-Би-Си, на Хана ѝ биле додадени уште 34 обвиненија, со што вкупниот број обвиненија против неа се искачил на 39.

Бројот на жртви, според објавените информации, се зголемил на 14, а се верува дека тие биле измамени за повеќе од 800.000 сингапурски долари, односно околу 580.000 евра, во готовина и стока.

Меѓу жртвите е и нејзиниот отуѓен син, слаткарот Греам Хорниголд од Лондон, иако неговиот случај не се води пред судовите во Сингапур. Хорниголд е познат од документарецот на Нетфликс „Con Mum“, кој ја следи неговата врска со Хана откако таа го контактирала тврдејќи дека е неговата одамна изгубена мајка.

Според обвиненијата, Хана во повеќе случаи тврдела дека е дел од кралското семејство на Брунеј и дека ќе ги врати парите од наводно наследство. На жртвите им велела дека има здравствени проблеми и барала помош за неплатени сметки, правни трошоци или отворање банкарски сметки.

Во едно од новите обвиненија се наведува дека измамила маж да плати стотици илјади долари трошоци во нејзино име, ветувајќи дека ќе му ги врати парите и ќе го именува како свој посинок.

Според друго обвинение, Хана ѝ ветила на жена дека ќе ѝ купи луксузни предмети, меѓу кои автомобили „Лексус“ и „Астон Мартин“, како и имот во престижниот залив Сентоса во Сингапур, доколку ѝ даде пари за трошоци за подготовка.

Обвинителите претходно наведоа дека Хана измамила и тројца мажи во Сингапур и Франција да ѝ префрлат пари на сметка, тврдејќи дека средствата ѝ се потребни за правни трошоци и банкарски процедури.

Минатата година судот слушнал и дека таа ветувала оти ќе донира милиони долари на џамија и муслиманска непрофитна организација во Сингапур.

Хана се соочува со повеќе обвиненија, меѓу кои измама и лажно претставување. За дел од обвиненијата се предвидени можни казни до 20 години затвор.

Според обвиненијата, делата биле извршени меѓу август 2024 година и крајот на март минатата година. Сите се поврзани со Сингапур, иако дел од нив, според обвинителството, се случиле и делумно надвор од земјата.

Документарецот „Con Mum“, објавен на Нетфликс на 25 март минатата година, прикажува како Хорниголд повторно се поврзал со Хана во Велика Британија. ДНК-тест подоцна потврдил дека таа е негова мајка, но во документарецот тој ги оспорува нејзините тврдења за кралско потекло.

Во филмот се наведува и дека Хана претходно била осудувана во Велика Британија за кражба во продавници и измама. Хорниголд тврди дека во односот со неа изгубил околу 300.000 фунти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни