Британија воведува ново правило: Дел од азилантите ќе треба да ѝ вратат до 10.000 фунти на државата

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд изјави дека азилот е „право, но и одговорност“.

Владата на Обединето Кралство предлага нови правила според кои дел од лицата што добиле азил ќе треба да ѝ вратат на државата до 10.000 фунти за трошоците за сместување и финансиска помош што ги користеле додека траела постапката за азил.

Мерката ќе важи како услов за добивање дозвола за престој, а британските власти велат дека целта е да се намали товарот врз даночните обврзници.

Имиграцијата останува едно од најчувствителните политички прашања во земјата, а владата на Кир Стармер во последниот период ги заострува мерките за легалната и нелегалната миграција, во обид да го спречи растот на поддршката за Reform UK, предводена од Најџел Фараж, која најавува масовни депортации на баратели на азил. Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд изјави дека азилот е „право, но и одговорност“.

„Кога луѓето ќе бидат во можност да придонесуваат и да ѝ се оддолжат на британската јавност за поддршката што ја добиле, очекуваме тоа и да го направат“, порача таа.

Според предлогот, средствата ќе се наплатуваат само од полнолетни лица кои имаат финансиска можност да ги вратат. Владата најави и заштитни механизми за да не се доведат корисниците во сиромаштија, а правилата нема да се применуваат ретроактивно. Децата ќе бидат целосно изземени од оваа обврска.

Според британското Министерство за внатрешни работи, сместувањето на еден барател на азил во привремено сместување чини во просек 23,25 фунти по ноќ, додека хотелското сместување достигнува околу 144 фунти по ноќ, покрај неделната финансиска помош. Вкупните трошоци за сместување и поддршка на барателите на азил минатата година изнесувале околу четири милијарди фунти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс