Brent нафтата денес достигна 123,54 долари за барел, раст од 4,7 отсто за 24 часа. Прв пат по јуни 2022, кога светот го тресеше руската инвазија врз Украина. Тогаш проблем беше гасот, денес е Хормускиот теснец. Горивото, струјата, храната, превозот, сè што се произведува и транспортира ќе го следи овој тренд на поскапување.
Прв пат по 2022 година: што се случува на пазарот
Последен пат Brent беше на ова ниво во јуни 2022, кога западните санкции врз руската нафта предизвикаа енергетска паника во Европа. Денес движечките сили се различни: американска морнарица го блокира Иран, преговорите за нуклеарниот договор се замрзнати, а Обединетите Арапски Емирати го напуштија ОПЕК. Резултатот е ист, нафтата поскапува, а со неа и сè останато.
Хормускиот теснец е клучот
Преку Хормускиот теснец минуваат околу 20 отсто од светскиот промет на нафта. Блокадата на иранските пристаништа и замрзнатите преговори меѓу Вашингтон и Техеран го турнаа пазарот во паника. Неуспехот на дипломатите да дојдат до решение, ќе го осетат сите луѓе на планетава во нивните паричници.

Македонија увезува, Македонија и ќе плаќа
Македонија увезува над 90 отсто од своите енергетски потреби. Секој скок на Brent директно се пресликува на цените на горивата, на транспортните трошоци, на цената на прехранбените производи и услугите. РКЕ ги усогласува цените периодично, еднаш неделно, и со ова темпо на спокапување на нафтата на берзите сигурно ќе има значајна „честитка“ во понеделник по празникот. Бензинот е моментално на 82,5 денари, дизелот на 91,5 денари. Во понеделник ќе добиеме нови бројки.
Криза во најава
Доколку цената на Brent се задржи над 120 долари, економистите предупредуваат на бран на инфлација во увозно зависните економии, меѓу кои е и Македонија. Поскапувањето на енергијата се пренесува на транспортот, транспортот на храната, храната на домаќинствата. Синџирот е краток и добро познат за граѓаните на Македонија. Ни претстои долго, топло и скапо лето.