Фудбалската репрезентација на Бразил оствари убедлива победа од 3:0 против Хаити и се искачи на првото место во групата Ц на Светското првенство. Со овој пораз, Хаити ги загуби шансите за пласман во следната фаза и официјално го заврши настапот на турнирот.
Бразилците уште од самиот почеток ја презедоа контролата врз играта и создадоа неколку опасни ситуации пред противничкиот гол. Иако погодокот на Рафиња во 12. минута беше поништен поради офсајд, притисокот вроди со плод во 23. минута. По одбранет удар на Винисиус Жуниор, на одбиената топка најдобро реагираше Матеус Куња и ја смести во мрежата за водство од 1:0.
Само тринаесет минути подоцна, Куња повторно беше прецизен. По грешка во одбраната на Хаити, Винисиус повлече брз контранапад и му асистираше на напаѓачот, кој рутински зголеми на 2:0. Во судиското продолжение од првото полувреме, Винисиус и самиот се запиша меѓу стрелците по одличното додавање на Лукас Пакета, носејќи му на Бразил убедливи 3:0 пред паузата.
Во второто полувреме Хаити заигра поофанзивно и создаде неколку добри можности. Најблиску до погодок беше во 63. минута кога Адe упати силен удар со глава, но голманот Алисон Бекер со одлична интервенција ја зачува својата мрежа.
Бразил можеше да стигне и до четврти гол преку Габриел Мартинели и младиот Ендрик, но едниот удар заврши во гредата, а другиот погодок беше поништен поради офсајд.
До крајот на натпреварот, Хаити се обиде барем да постигне почесен гол, но Алисон повторно беше на висина на задачата со неколку сигурни одбрани. Така Бразил ја запиша првата победа на шампионатот и ја презеде лидерската позиција во групата, додека Хаити остана без шанси за продолжување на настапот на Светското првенство.