„Браќа Манаки“ ги спојува генерациите зад камерата: Кроненвет со порака до младите кинематографери

Со доделување на награди, музички перформанс и проекција на „Скејтањето не е за девојчиња“, во Битола почна 47. издание на фестивалот на филмската камера

„Браќа Манаки“ не е само фестивал на филмот, туку место каде што се среќаваат генерациите кинематографери и каде младите можат да учат, да создаваат контакти и да ја градат својата иднина. Ова го порача годинашниот лауреат Џеф Кроненвет на свеченото отворање на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Фестивалот беше отворен синоќа со музички перформанс под диригентство на Џијан Емин и настап на „БитВокс“, а програмата продолжи со доделување на награди и проекција на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума.

„Пред повеќе од 100 години, кога за првпат се појави камерата, се родила и желбата да се снима животот. Сè со една цел – да се сочуваат спомените“, рече директорот на фестивалот Димитрија Доксевски. Тој додаде дека сите учесници и гости на фестивалот придонесуваат кон градењето и зачувувањето на традицијата на „Браќа Манаки“.

„Ткаеме филмови и ткаеме уникатен фестивал. Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави работи“, порача Доксевски.

Петар Арсовски ја доби Големата ѕвезда на македонскиот филм

Претседателката на Друштвото на филмски работници на Македонија, Марија Димитрова, му ја додели наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм на актерот Петар Арсовски. Арсовски, кој повеќе од пет децении е дел од македонската кинематографија, се заблагодари за признанието.

„Ова е признание од луѓето со кои повеќе од 50 години ‘војувам’ пред филмската камера и сме поминале заедно и сито и решето“, рече Арсовски, заблагодарувајќи им се на колегите со кои, како што истакна, 55 години ја создаваат македонската кинематографија. На отворањето во Битола беше присутен и Јануш Камински, добитник на Златна камера 300 за животно дело во 2020 година.

„Оваа награда веќе стои кај мене дома, заедно со останатите награди кои сум ги добил. Прекрасна рачна изработка и многу сум среќен“, рече Камински.

Кроненвет: Младите кинематографери имаат потреба од ваков фестивал

Годинашниот добитник на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, Џеф Кроненвет, е еден од најпознатите современи кинематографери и долгогодишен соработник на режисерот Дејвид Финчер. Како директор на фотографија работел на филмови како „Боречки клуб“, „Друштвената мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“.

Кроненвет во Битола зборуваше токму за значењето на фестивалите што ја ставаат кинематографијата и луѓето зад камерата во центарот на вниманието. „Фестивалот ‘Браќа Манаки’ има посебно место во филмскиот свет бидејќи ја слави работата на кинематограферите, на луѓето зад камерата. Тој ја претставува работата на следната генерација кинематографери“, рече Кроненвет.

Тој нагласи дека младите професионалци имаат потреба од места каде што можат да создаваат контакти, пријателства и да разменуваат искуства. „Кога бев млад, учев од моите постари колеги гледајќи ги нивните филмови. Се надевам дека сега јас возвраќам со тоа што им помагам на помладите колеги“, рече Кроненвет.

Според него, фестивалот ја одржува традицијата жива и ги поврзува различните генерации во период кога технологијата значително ги менува начините на кои се создаваат филмовите. Наградата на Кроненвет му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Дан Лаустсен со признание за животно дело

Специјалната Златна камера 300 за животно дело му беше доделена на данскиот кинематографер Дан Лаустсен, а признанието му го врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Лаустсен се присети на почетоците на својата кариера. „Во 1969 година ја купив првата камера, подоцна патував низ светот целиот мој живот и мислам дека оваа уметност која ја правиме снимајќи филмови е мошне респектабилна“, рече Лаустсен.

Со отворањето на 47. издание, „Браќа Манаки“ повторно ја стави кинематографијата, визуелниот јазик на филмот и луѓето зад камерата во центарот на фестивалското внимание.

е-Трн да боцка во твојот инбокс