Отстранета е рачната бомба која во четврток попладне беше пронајдена во непосредна близина на дописништвото на Радиотелевизија Херцег-Босна (РТВ ХБ) во Кисељак, во централна Босна, известија во петок од полицијата на Среднобосанскиот кантон. Бомбата ја пронашле новинарите на Радиотелевизија Херцег-Босна, по што веднаш ја известиле полицијата. Набрзо потоа, полицијата го обезбеди местото на настанот и изврши увид, а експлозивната направа беше отстранета од тим на Федералната управа за цивилна заштита.
Од МВР додадоа дека полициските службеници ќе достават извештај до Обвинителството на Среднобосанскиот кантон по завршувањето на истрагата. Според истото соопштение, дежурната обвинителка на Кантоналното обвинителство во Травник сè уште не можела да се изјасни дали постојат елементи на кривично дело во врска со пронајдената рачна бомба.
Рачна бомба на истата локација беше пронајдена и во јули оваа година. Тогаш, за време на полицискиот увид, беше утврдено дека експлозивната направа паднала од кровот на зградата за време на изведување градежни работи. Овојпат на тој објект немало никакви градежни активности.