Добил отказ бидејќи за време на боледување трчал маратон, па сега компанијата му должи 60 илјади евра

Вработен во холандска компанија за обработка на метал добил отказ откако на социјалните мрежи се пофалил со маратонот во Ротердам, но судот пресуди дека трчањето било дел од терапијата одобрена од лекар.

Додека некои за време на боледување одвај стигнуваат до продавница, еден Холанѓанец одлучил да истрча маратон. На неговиот работодавач тоа воопшто не му било смешно, па му врачил отказ. Сепак, приказната доби неочекуван расплет – судот пресуди во корист на работникот, а компанијата сега мора да му исплати околу 60.000 евра, пренесува „РТЛ Њуз“ (RTL Nieuws).

Вработениот во компанија за обработка на метал бил на боледување поради проблеми со колкот, но тоа не го спречило да го истрча маратонот во Ротердам. Кога работодавачот дознал за неговиот спортски потфат преку социјалните мрежи, одлучил веднаш да му врачи отказ. Во компанијата сметале дека работникот сериозно ги прекршил своите обврски и ја изневерил нивната доверба. Но, тој не се согласил со таквата одлука, па правдата решил да ја побара на суд.

Судот во Ротердам на крајот застана на страната на работникот. Се покажало, имено, дека лекарот по медицина на трудот, кој го следел неговото закрепнување, знаел за планот на пациентот да трча маратон. Уште повеќе, тој сметал дека физичката активност може да му помогне во закрепнувањето и му одобрил постепено зголемување на физичкиот напор.

Поради тоа, судот заклучи дека немало оправдана причина за вонреден отказ и дека работодавачот избрзал со својата одлука. Иако работниот однос на крајот сепак беше раскинат, компанијата мора да му исплати законска отпремнина и дополнителен надомест одреден од судот. Вкупно станува збор за сума од околу 60.000 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс