Бојкотот на медиумите му се удри од глава на Трамп: Говор без звук и без камери

По одлуката на Белата куќа да забрани три медиумски куќи, останатите телевизии одбија да испратат камери за отворањето на хелиодромот.

Обидот на Доналд Трамп да воведе ред меѓу медиумите со забрани за пристап веднаш резултираше со контраефект во понеделникот, откако американскиот претседател остана без тон и без независни камери на сопствен настан во Белата куќа. На свеченото отворање на новата слетна платформа за хеликоптери, говорот на Трамп практично не се слушна поради отсуство на озвучување и опрема, откако водечките телевизиски мрежи одбија да обезбедат заедничко покривање во знак на солидарност со исклучените колеги.

Настанот во кругот на Белата куќа требаше да претставува рутинска промоција на новата инфраструктура за претседателскиот хеликоптер. Наместо тоа, сцената се претвори во невообичаена медиумска тишина. Немаше поставено микрофони за пренос, а националните телевизиски екипи воопшто не се појавија на тревникот.

Дури и конзервативната мрежа Њузмакс (Newsmax), која важи за наклонета кон администрацијата, во својот директен пренос мораше да констатира дека нападите врз новинарите овојпат му се одбија од глава на самиот претседател. Снимките покажаа како Трамп гестикулира и говори, додека во етерот одеше само студиски коментар.

Ескалацијата започна во петокот, кога Трамп преку својата мрежа Трут сошал (Truth Social) објави дека им забранува пристап до претседателскиот комплекс на Си-ен-ен (CNN), порталот Политико (Politico) и телевизијата Ем-ес нау (MS Now). Како образложение ги наведе нивните наводни лажни вести, со најава дека списокот на непожелни медиуми може да се прошири. Веќе следниот ден, на новинарите од овие редакции физички им беше оневозможен влезот.

Овој потег директно го парализираше таканаречениот новинарски пул (pool) – децениски воспоставен механизам во кој петте најголеми телевизиски мрежи ротираат задолженија и делат ист видеосигнал од секое движење на претседателот. Бидејќи редот за покривање на патувањата и настаните во понеделникот падна на Си-ен-ен, а ним им беше забранет влезот, преостанатите членки на пулот решија да не испратат заменски екипи и целосно да го прекинат заедничкото следење.

Останатите големи тв мрежи испратија официјална нота до своите претплатници во која наведоа дека заедничкото покривање на претседателските настани се запира секогаш кога некој член е неправедно блокиран. Трамп подоцна во Њујорк се обиде да ја намали тежината на бојкотот, тврдејќи дека медиумите никогаш реално нема да престанат да го следат, додека претходно порача дека неговата одлука не е напад врз слободата на медиумите, туку борба против непрофесионалното известување.

Случајот сега се префрла во судница. Си-ен-ен, Ем-ес нау и Политико поднесоа заедничка тужба против претседателската администрација, наведувајќи директно кршење на Првиот амандман од американскиот Устав кој гарантира слобода на говорот и на печатот. Белата куќа, пак, се брани со став дека уставните одредби го штитат правото на објавување вести, но не создаваат автоматска обврска за државата да гарантира физички пристап до претседателот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс