Американската компанија OpenAI размислува да го забави развојот на најнапредните системи со вештачка интелигенција, а извршниот директор Сем Алтман се надева дека и други компании од индустријата ќе го направат истото, објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата. Според изворите, Алтман на состанок со вработените што се одржал оваа недела изјавил дека OpenAI би можел да го забави темпото на развој на својата вештачка интелигенција, можеби во соработка со неколку други истражувачки лаборатории за вештачка интелигенција.
Сепак, не е извесно дали сите компании би се согласиле на таков чекор. OpenAI, компанијата што го создаде ChatGPT, е меѓу водечките компании во развојот на генеративната вештачка интелигенција и последните години вложува значителни ресурси во создавање сè понапредни системи.
Во изминатите недели, вработени во водечки компании за вештачка интелигенција јавно изразија загриженост поради зголемените ризици поврзани со напредните системи. Овие предупредувања придонесоа за зголемена дебата и внатре во самите компании за тоа колку брзо треба да продолжи развојот на најмоќните модели и како да се обезбеди нивна безбедна примена.