Битолскиот Џез фактори фестивал (Jazz Factory Festival) учествуваше на меѓународната тркалезна маса „Жива музика за десет години“, одржана во рамките на 22. Фестивал на словенечкиот џез (ФСЏ) во Равне на Корошкем, Словенија. На средбата во Корошката централна библиотека „Д-р Франц Сушник“, македонскиот претставник Сашо Поповски заедно со програмски директори од регионот и Европа размени искуства за предизвиците на современата концертна сцена и зачувувањето на автентичноста на живите настапи.
Тркалезната маса обедини организатори на џез и независни музички фестивали кои анализираа каква перспектива ја очекува музичката сцена во регионот и низ Европа во следната деценија. Дискусијата се фокусираше на променливите навики на публиката, одржливото финансирање на фестивалите и потребата од меѓународна соработка.
Посебно внимание учесниците посветија на влијанието на технологијата и вештачката интелигенција врз концертното искуство. Организаторите се согласија дека, без оглед на промените во концертните формати, директниот контакт меѓу музичарите и публиката останува основа на живата музика која технологијата не може да ја замени.
На дебатата покрај Сашо Поповски од македонскиот Џез фактори фестивал учествуваа и Драган Влајниќ од српскиот Џез фестивал Кикинда (JazzFestival Kikinda), Богдан Бенигар од словенечкиот фестивал Друга годба (Festival Druga godba) и Роби Јамник од Џез Равне (Jazz Ravne). Своите искуства ги споделија и Игор Вида од словачкиот фестивал Ар ју фри (Are You Free? Music Festival) и Винко Михајловиќ од црногорскиот Петровац џез фест (Petrovac Jazz Fest).
Сашо Поповски на средбата ги пренесе искуствата од развојот на фестивалската и џез-сцената во Македонија. Учеството на вакви меѓународни форуми придонесува за промоција на Битола и Општина Битола во областа на современата култура и меѓународното вмрежување, при што значајна потпора даваат локалните институции и културните центри.
Паралелно со фестивалските активности, во развојот на домашната сцена учествува и Џез-одделот при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Преку едукација на нови генерации музичари и поврзување на академската заедница со фестивалската продукција, се обезбедува континуитет на џез-културата во земјава.
