Безбедносен аларм во Англија: Координирани дронови шест дена летале над американски воени бази

Пет до шест мали беспилотни летала биле забележани над базите Лејкенхит, Милденхол и Фелтвел во периодот од 20 до 26 ноември.

Американските воздухопловни сили потврдија дека неидентификувани мали беспилотни системи биле забележани над три воени бази во Велика Британија во периодот од 20 до 26 ноември. Извор од одбраната соопшти дека станува збор за координирана активност на пет до шест дрона над базите Лејкенхит, Милденхол и Фелтвел, додека британското Министерство за одбрана порача дека сериозно ги сфаќа ваквите закани.

Во официјална изјава за агенцијата Ројтерс, претставници на американските воздухопловни сили потврдија дека мали беспилотни системи биле забележани во воздушниот простор над базите Лејкенхит, Милденхол и Фелтвел. Инцидентите се случиле континуирано во периодот од 20 до 26 ноември.

Овие три инсталации во Англија ги користат американските сили во рамките на Командата на воздухопловните сили на САД во Европа и Африка (USAFE-AFAFRICA). Во официјалното соопштение на оваа команда, настанот е класифициран како прашање поврзано со безбедноста на воените инсталации.

Според информациите што извор од одбраната ги споделил за Си-Ен-Ен (CNN), а ги пренесе британскиот сервис Ел-Би-Си (LBC), во инцидентите учествувале околу пет до шест беспилотни летала. Истиот извор наведува дека леталата покажувале знаци на координирана активност.

Базите РАФ Лејкенхит, РАФ Милденхол и РАФ Фелтвел се сместени во источниот дел на Англија, во грофовиите Сафолк и Норфолк. РАФ Лејкенхит е седиште на 48-то борбено крило на американската авијација, кое управува со борбени авиони од типот Ф-15 и Ф-35, додека РАФ Милденхол е клучна логистичка база и центар за полнење гориво во воздух.

По објавувањето на информациите за упадите во воздушниот простор, со краток став излезе и британското Министерство за одбрана. Од таму порачаа дека институцијата сериозно ги сфаќа заканите и дека располага со соодветни противдронски капацитети на терен.


Британските одбранбени власти се воздржаа од споделување дополнителни оперативни детали и одбија да дадат понатамошен коментар за текот на безбедносните протоколи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс