Битола од 24 до 27 јуни ќе го одбележи јубилејното, 25-то издание на фестивалот Битола Отворен Град, една од најпрепознатливите платформи за современа музика, уметност, младинска култура и граѓански активизам во Македонија.
Во текот на изминатите 25 години, фестивалот прерасна од локална иницијатива во значаен културен простор низ кој поминаа генерации музичари, уметници, активисти, волонтери и млади луѓе. Неговото влијание одамна ги надмина рамките на класичен фестивалски настан и стана дел од културниот идентитет на Битола.
„Некои градови имаат фестивал. Овој фестивал има град“, порачуваат организаторите преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека градот, неговите улици и јавни простори со години се претвораат во сцена за културни случувања и средби меѓу различни генерации.
Годинашното издание ќе се реализира на повеќе локации низ Битола, следејќи ја идејата по која фестивалот е препознатлив уште од своето основање – културата да биде достапна, видлива и присутна во секојдневниот живот на граѓаните.
Организаторите најавуваат дека целосната програма ќе биде претставена на официјална прес-конференција во пресрет на фестивалот. Сите настани ќе бидат бесплатни и отворени за јавноста.
По 25 години постоење, Битола Отворен Град продолжува да ја негува својата основна мисија – да создава отворен простор за култура, креативност и нови генерации. Јубилејното издание ќе се одржи на повеќе сцени низ градот, со поддршка од локалната заедница, институциите и бизнис-секторот.
Фестивалот е организиран од Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ-Битола), со поддршка на Општина Битола во рамки на Годишната програма за култура и со поддршка од партнерите и спонзорите.