Биткоинот повторно се врати во центарот на вниманието на инвеститорите, откако неговата цена за само една недела порасна за повеќе од 20 проценти. Криптовалутата се искачи од околу 64.000 долари до близу 80.000 долари, достигнувајќи околу 79.500 долари во петокот, највисоко ниво во последните три месеци.
Во моментов биткоинот се тргува околу 77.720 долари, а инвеститорите сега проценуваат дали растот може да продолжи или следува нова корекција. Еден од факторите што го поттикна растот беа масовните ликвидации на кратки позиции. Од средината на минатата недела биле ликвидирани повеќе од 4,3 милијарди долари во „мечкини“ крипто позиции. Трговците кои се обложиле на пад на биткоинот биле принудени да купуваат за да ги затворат позициите, што дополнително го забрзало растот.
Дополнителен поттик дојде од американскиот пазар на државни обврзници. Министерството за финансии на САД најави дека од 9 септември ќе ја зголеми максималната големина на одредени откупи на долгорочен државен долг од 2 на најмалку 4 милијарди долари.
Иако оваа програма не претставува квантитативно олеснување, најавата придонесе за намалување на дел од долгорочните приноси и создаде поповолна атмосфера за поризичните инвестиции. Значаен сигнал дојде и од институционалните инвеститори. Американските спот биткоин-фондови забележаа нето приливи од околу 517 милиони долари на 19 август и дополнителни 606 милиони долари на 20 август. Само фондот IBIT на BlackRock во четвртокот привлекол околу 503 милиони долари.
Но, големиот раст отвора и прашање дали моментумот може да продолжи. Инвеститорите оваа недела внимателно ќе ги следат американските податоци за инфлацијата и економскиот раст, како и сигналите од Федералните резерви. Особено внимание ќе привлече говорот на претседателот на ФЕД, Кевин Ворш, во Џексон Хол.
Пониска инфлација и помек тон од американската централна банка би можеле дополнително да ги поддржат ризичните средства и да му помогнат на биткоинот повторно да се доближи или да го пробие нивото од 80.000 долари.
Од друга страна, повисока инфлација би можела повторно да ги зголеми приносите на државните обврзници и да го зајакне доларот, што би создало дополнителен притисок врз криптовалутата.
По толку брз раст, биткоинот сега се наоѓа на важна раскрсница, дали следува ново искачување или инвеститорите ќе почнат да ги земаат профитите од последниот голем скок.