Во Општина Кавадарци се одржа регионален форум посветен на одржливиот третман на биоотпадот, во рамки на проектот „Нула биоотпад: системски промени во партнерство со граѓаните“, поддржан од програмата Цивика мобилитас на Владата на Швајцарија. Проектот го спроведува Зелен институт во партнерство со Националното здружение на сопственици на приватни шуми.

Модераторката Ана Петровска истакна дека пренасочувањето на биоотпадот од депониите носи повеќекратни придобивки – од намалување на загадувањето на воздухот и подземните води до намалување на ризикот од пожари и придвижување кон концептот на општини со „нула отпад“.
На форумот беше нагласено дека биоотпадот претставува вреден ресурс кој може да се искористи за производство на енергија и компост. Наталија Бургиева и Аријан Тоска посочија дека Вардарскиот регион има специфични карактеристики поради развиеното винарство, при што значителни количини комиње веќе се преземаат од биоцентралата во Градско.

Експертите презентираа три можни сценарија за управување со биоотпадот. Според најреалното сценарио, отпадот од преработувачката индустрија и земјоделството би го преземале постојните централи, додека биоотпадот од домаќинствата, институциите, маркетите, пазарите, рестораните и хотелите постепено би се вклучувал преку пилот-проекти и би се компостирал на локално ниво.
Како долгорочна можност беше претставена изградба на нова биогасна централа во Велес, поврзана со идната пречистителна станица, додека третото сценарио предвидува ваквата инвестиција да се разгледува само по детална физибилити-студија.
Еден од главните заклучоци на форумот беше дека постојните две биоцентрали во регионот имаат капацитет да го преземат целиот биоотпад од индустријата и сточарството, поради што засега нема потреба од нова и скапа инфраструктура.
Учесниците оценија дека клучен чекор е воведување одвоено собирање на биоотпадот од домаќинствата и помалите генератори. Воедно беше посочено дека е неопходно доследно спроведување на законските обврски, особено во делот на забраната за неконтролирано испуштање отпадни материи и нивно одлагање во природата.
На форумот беше потенцирано и дека одвоеното собирање на биоотпадот е законска обврска, поради што комуналните претпријатија и општините треба што поскоро да започнат со пилот-активности и практична примена на системите за селекција и третман на овој вид отпад.