БиХ забрани прелет на српски владин авион кон Бања Лука

Властите во Сараево го затворија воздушниот простор за српската делегација, па премиерот Мацут замина со автомобил.

Властите во Босна и Херцеговина забранија прелет на српскиот владин авион, кој денеска требаше да ја превезе делегацијата на Србија во Бања Лука. Делегацијата патуваше на одбележувањето на Денот на српското единство, слободата и националното знаме. Поради забраната, српскиот премиер во технички мандат Ѓуро Мацут реши патот до Република Српска да го продолжи со автомобил.

Српскиот премиер порача дека административните забрани нема да го спречат да пристигне на најавената прослава.

„Несоодветно е во 21 век во Европа со вакви мерки да се спречува посета за празник што никого не загрозува и не е насочен против никого. Сигурно нема да бидам спречен да бидам во Бања Лука вечерва“, соопшти Мацут преку владината прес-служба, образложувајќи ја одлуката да патува со возило.

На одлуката на институциите во Сараево веднаш реагираше и Милорад Додик. Тој на социјалната мрежа Икс упати остри критики.

Додик напиша дека станува збор за едностран потег со кој се преминува секоја мерка. Според него, надлежните органи немаат уставно право да донесат ваква забрана за прелет на српскиот премиер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс