Во седиштето на НАТО во Брисел се одржа состанок меѓу претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, и заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска. На разговорите присуствуваше и членот на Претседателството Жељко Комшиќ. Главна тема беше напредокот на Босна и Херцеговина кон полноправно членство во НАТО, како и безбедносните и политичките предизвици во регионот.
Во разговорите беше истакнато дека земјата постигнала значајни резултати во евроатлантскиот процес, вклучувајќи спроведување на реформскиот програм, учество во партнерскиот план за периодот 2025–2028 година и континуирано зајакнување на капацитетите на вооружените сили. Беше оценето и дека постои високо ниво на интероперабилност со силите на НАТО.
Беќировиќ нагласи дека Босна и Херцеговина има институционална посветеност и широк политички консензус за членство во NATO, како и поддршка од граѓаните. Тој порача дека се исполнети условите за упатување официјална покана за членство и повика процесот да се забрза.