Search

Безбедноста од женска гледна точка

Мирот и безбедноста генерално ги поврзуваме како поими кои не потсеќаат на војна и насилство, или нивното отсуство. Но мирот и безбедноста се многу повеќе од самото не/постоење на насилство.

Во генералната дискусија околу поимање на она што подразбира безбедноста, постојат два дискурси кои го дефинираат поимот, дискурсот на државна безбедност и дискурсот на човекова безбедност. Додека државната безбедност е институционализиран приод кој се фокусира на заштита на државните граници и ја дефинира безбедноста како отсуство на насилен конфликт, поимот за човекова безбедност го идентификува човекот како референтна точка при оценување дали е една ситуација безбедна или не. Дискурсот на државна безбедност е претежно хиерархиски и патријархален, и исклучително несоодветен за адресирање на потребите на жените. За разлика од овој, безбедноста дефинирана како човекова безбедност претставува холистички концепт за поимот кој во себе вклучува 7 поврзани области – екомија, здравство, храна, животна средина, личното, заедничкото и политичкото во насока на обезбедување на слобода од страв.

Специфичното женско искуство за време на конфликт, но и родовоприпишаните улоги кои ги ставаат жените во позиција да се грижат за основните потреби на семејството и општеството генерално, го прават доживувањето на безбедноста од родова призма комплетно различно од она што е прифатено како државна безбедност.

Во едно истражување кое испитува како луѓето ја доживуваат безбедноста (во Северна Ирска, Либан и Јужноафриканска Република) поимањето на безбедноста од страна на женските испитаници кореспондира со концептот на човекова безбедност, а на мажите со концептот на државна безбедност. Жените не проектираат утописка слика за како едно пост-конфликтно општество би изгледало, туку идентификуваат широк спектар на практички мерки кои би требало да се преземат како би се ревоспоставила безбедноста на сите нивоа во општеството. Таквите мерки се фокусираат на обезбедување на достоинствени услови за живот, од типот на храна, домување, образование, и слично. Поконкретно, жените од Јужноафриканска Република го поврзуваат концептот на безбедност од аспект на секојдневната реалност како пристап до вода, храна за децата, домување, додека мажите од оваа држава се позагрижени за економските и милитарните прашања. Во Северна Ирска, жените покажуваат аверзија кон концептот на безбедност во општо-прифатената смисла на зборот бидејќи ги потсеќа на „безбедносните сили (полиција и армија)“, и суштината на она што тие го доживуваат како безбедно поаѓа од личен аспект и подразбира слобода, слобода на изразување, движење и бидување.

И генерално, без оглед дали во војна или мир, стапките на родово базирано и сексуално насилство врз жените се фрапантни. Во неколку држави од Јужна Америка, како Гватемала, или Ел Салвадор се случува фемицид (убиство на жена заради нејзиниот род) минимум еднаш дневно. Во историските периоди (доста далечни) кога жените имале значителна моќ во општеството, тие никогаш не се обединиле против мажите, најмалку во насилни акти. Според една анализа на стапките на насилство во која се прави споредба на различни типови насилство, се гледа дека доколку една етничка или национална група би напаѓала и убивала со истиот интензитет како што мажите ги напаѓаат и убиваат жените (станува збор само за семејно насилство), ситуацијата би значела објавување на војна. Сепак, ние сме уште заглавени во релативизирање, па дури и негирање на насилството кое жените го трпат.

Можеби е време да го размислиме и промениме концептот на безбедност. Ако дадеме шанса да ја искусиме безбедноста како економска и политичка стабилност која ни овозможува услови за достоинствен живот на сите, ќе го почувтсвуваме мирот вистински, а не само како тензија пред насилство.

Авторката е студентка по меѓународно право и односи и активистика во студентски движења

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни