Истокот во „Беше еднаш на Истокот“ не е само страна на светот. Тој е чувство, наследство, рана, спомен, јазик што не исчезнува лесно и дом што продолжува да живее во човекот, дури и кога човекот одамна заминал. Во својот прв самостоен графички роман, Бобан Пешов ја отвора големата приказна за припадноста, миграцијата и животот помеѓу две земји.
Додека една држава се распаѓа, околу неа никнуваат нови граници, а првите „транзициски херои“ полека го заземаат просторот на новото време, едно семејство се обидува да најде пат кон подобра иднина. Тоа е рамката во која Пешов ја сместува својата приказна, но романот оди многу подлабоко од семејна хроника.
„Беше еднаш на Истокот“ е меѓугенерациско патување помеѓу минатото и сегашноста, Истокот и Западот, различните национални идентитети, Италија и Македонија. Низ страниците се преплетуваат спомени, надежи, реалност, носталгија и постојаната потрага по место каде што човек конечно може да каже: ова е мојот дом.
Истокот како состојба, не како адреса
Во графичкиот роман, Истокот не е само политичка или географска одредница. Тој е начин на паметење, внатрешен пејзаж и состојба на умот и душата. Приказната го следи чувството на луѓе кои живеат меѓу две култури, два јазици, две стварности и две верзии од себе.
Токму затоа суштинското прашање во романот не се поставува гласно, туку тивко провејува низ целата приказна: каде е домот, навистина? Дали е таму каде што сме родени, таму каде што сме заминале, или во онаа кревка точка помеѓу споменот и иднината?
Бобан Пешов меѓу Македонија и Италија
Бобан Пешов е роден во Македонија во 1988 година, а во 1996 година се преселил во Италија. Ја завршил уметничката гимназија „Liceo Artistico Pinot Gallizio“ во Алба, а потоа дипломирал архитектура на Политехничкиот универзитет во Торино.
Својата уметничка кариера ја започнал со креирање содржини на YouTube, а подоцна го проширил своето присуство и на Instagram, каде што почнал да објавува неделни стрипови и сатирични карикатури поврзани со актуелни теми и светската геополитичка состојба.
Од сатирични стрипови до самостоен графички роман
Во минатото Пешов соработувал со познати личности од италијанската музичка сцена. Во 2019 година, заедно со италијанскиот писател, ТВ водител, комичар, популаризатор на науката и јутјубер Barbascura X, го создал графичкиот роман „Frank“.
Помеѓу 2017 и 2018 година ја илустрирал дрската и сатирична стрип-трилогија „NaziVegan Heidi“, напишана од Алесандро Мереу, познат сардиниски стрип автор, пејач и блогер, кој твори под псевдонимот Дон Алемано.
Во мај 2025 година Пешов дебитира со својот прв самостоен графички роман „C’era una volta l’Est“, односно „Беше еднаш на Истокот“. Делото за кратко време ги освои публиката и критиката, а по само неколку месеци првиот тираж беше распродаден.
Романот беше избран меѓу најинтересните наслови во 2025 година од реномираните „il Post“ и „l’Indiscreto“, а доби и бројни номинации на престижни италијански стрип-фестивали, меѓу кои наградата „Gran Guinigi“ на Лука Комикс, вториот најголем фестивал за стрипови во светот, како и наградата „Palmarès“ на неаполскиот Комикон.
„Беше еднаш на Истокот“ е роман за заминувањето, но и за она што не заминува од нас. За границите што се цртаат на мапи, но и за оние што остануваат во телото, јазикот и семејната меморија. За Истокот што не е само место од кое се доаѓа, туку приказна што продолжува да нè бара.