Белоруската војска вежба покрај полската граница, Минск тврди дека нема закана

Тенковски и механизирани единици маневрираат кај коридорот Сувалки, додека властите се повикуваат на Виенскиот документ
Фото: Илустрација, Mil.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Белорусија започна четиридневни воени вежби во близина на своите граници со Полска и Литванија, распоредувајќи механизирани и тенковски единици во една од најчувствителните безбедносни зони во Европа. Според информациите на Еуроњуз, војниците увежбуваат заштита на државната граница и одбрана од напади со беспилотни летала и лесни авиони, додека официјален Минск уверува дека маневрите имаат исклучиво дефанзивен карактер.

Дел од воените активности се одвиваат во непосредна близина на коридорот Сувалки. Овој тесен копнен појас долг 104 километри се протега долж полско-литванската граница и ја претставува единствената копнена врска меѓу балтичките држави и остатокот од НАТО сојузот.

Истовремено, коридорот географски ја одвојува територијата на Белорусија од руската балтичка ексклава Калининград. Поради таквата положба, западните воени аналитичари со години го посочуваат подрачјето како потенцијално најранлива точка на источното крило на Алијансата.

Воените дејства се концентрирани на три клучни локации. Главните активности се насочени кон полигонот Хожа, лоциран директно до литванската граница, како и на полигоните Бжески и Ружањски, кои се оддалечени околу 15 односно 60 километри од територијата на Полска.

Белоруските власти соопштија дека вежбите не треба да предизвикуваат загриженост кај соседите бидејќи се планирани како чисто одбранбени. Министерството за одбрана во Минск тврди дека бројот на ангажирани војници и количината на борбена техника не ги надминуваат лимитите од Виенскиот документ од 2011 година.

Токму затоа, како што наведуваат белоруските власти, државата немала формална обврска однапред да испрати официјално известување до другите земји. Сепак, точната бројка на војници и оклопни средства што учествуваат во овие четиридневни маневри остана затворена за јавноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс