Денеска Скопје не спие со Бела ноќ на повеќе од десет урбани локации

Јавниот превоз ќе биде бесплатен, влезот во Зоолошката слободен, а угостителите добија дозвола да работат два часа подолго.

Главниот град денеска од 19:00 до 03:00 часот по полноќ ја одржува манифестацијата Бела ноќ, со културна програма распоредена на плоштади, мостови, галерии и музеи. За полесно движење низ градот, автобусите на ЈСП ќе возат бесплатно од 18:00 часот до утре наутро во 05:00 часот. Влезот во Зоолошката градина Скопје исто така ќе биде бесплатен, додека кафеаните и рестораните добија дозвола за продолжено работно време од два часа.

Организаторите најавуваат бесплатен превоз со автобусите на ЈСП Скопје почнувајќи од 18:00 часот денеска, сè до 05:00 часот утре наутро, на 4 октомври.

Покрај јавниот превоз, слободен влез за сите посетители ќе обезбеди и Зоолошката градина Скопје. Со цел дружењето да трае подолго, работното време на сите угостителски објекти на подрачјето на Град Скопје е официјално продолжено за два часа.

Програмата на манифестацијата опфаќа повеќе од десет урбани и културни локации низ градот. Настаните ќе се одвиваат на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ, во Младинскиот културен центар (МКЦ), на Мостот на уметноста, на Боемска улица и низ сокаците на Старата скопска чаршија.

Отворени за посетителите ќе бидат и Музејот на Град Скопје, „Аудио Култура“, Домот на градежници, „Мала станица“, ДКЦ „Карпош“, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Чифте амам, Музејот на современа уметност, како и пешачката зона на улицата „Македонија“.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати јавен повик до скопјани и гостите на градот масовно да излезат на улиците.

„Има ноќи во кои градот се доживува поинаку. Ноќи во кои улиците стануваат сцена, уметноста ни доаѓа во пресрет, а музиката нè спојува. Скопје повторно ќе живее една таква ноќ, нашата Бела ноќ! Ве поканувам заедно да го исполниме Скопје со љубопитност, насмевки и енергија и да ја почувствуваме неговата креативна сила“, истакна Ѓорѓиевски во својата порака.

е-Трн да боцка во твојот инбокс