На 10 септември, историчарот на уметност проф. д-р Кирил Пенушлиски одржа стручно водство низ изложбата. Настанот го организираше Асоцијацијата за култура ИКОН во соработка со Музејот на град Скопје, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Изложбата претставува еден од значајните тематски циклуси во творештвото на Лазески, автор со особено место во развојот на македонската модерна ликовна уметност. Посетителите можат да видат дела, кроки, подготвителни цртежи и архивски материјали поврзани со циклусот.
„Бежанци“, создаван по Втората светска војна, ги обработува раселувањето, миграцијата, загубата, идентитетот и колективната меморија. Меѓу изложените дела е и „Бежанци“ од 1948 година, масло на шперплоча со димензии 120 на 200 сантиметри, од колекцијата на Националната галерија на Северна Македонија.
Цртежите поврзани со циклусот се изведени со молив, туш и темпера на хартија. Според Пенушлиски, тие му служеле на Лазески како студии преку кои ги разработувал композицијата, фигурите, нивните гестови и меѓусебниот просторен однос.
„Земени заедно, тие прават кохерентна група што овозможува да се проследат различните развојни фази на основната композиција“, истакна Пенушлиски. Според него, анализата на овие дела нуди увид и во пошироката уметничка практика на Лазески.
Составен дел од проектот е публикацијата „Циклус: Бежанци од Борко Лазески“, наменета за документирање и проучување на ова дело од македонското модерно уметничко наследство.
Борко Лазески е роден во Прилеп во 1917 година. Се образувал во Белград и Софија, а во 1945 година заминал на специјализација во Париз, каде што студирал фрескосликарство и работел во ателјето на францускиот уметник Андре Лот. Бил еден од основачите и идејните предводници на ликовната група „Денес“. Починал во 1993 година.