Барселона воведува паметни алки за заштита на работниците од топлотен удар

Градските власти во Барселона започнаа да им делат паметни алки на работниците кои работат на отворено, со цел навреме да предупредат на опасност од топлотен удар. Мерката е дел од пошироките активности за заштита на вработените во услови на сè почести екстремни горештини.
N1

Градот Барселона започна со користење на паметни алки кои ја следат телесната температура на работниците што работат на отворено, како превентивна мерка против топлотен удар. Околу 1.400 алки се распределени меѓу вработени во комуналните служби, парковите, јавното осветлување и собирањето отпад. 

Уредите ја мерат телесната температура и испраќаат звучен и вибрациски сигнал доколку регистрираат ризик од прегревање. Во таков случај, работниците се должни веднаш да ја прекинат работата и да се засолнат на безбедно место, со што се намалува опасноста од сериозни здравствени последици. 

Од градската администрација велат дека мерката е дел од стратегијата за приспособување кон климатските промени, кои носат сè почести и поинтензивни топлотни бранови. Дополнителен поттик за побрза имплементација била смртта на 51-годишна работничка која минатото лето почина по завршување на смената за време на високи температури, иако истрагата не утврдила дека причината била топлотен удар. 

Шпанија ова лето се соочува со серија екстремни топлотни бранови. Националната метеоролошка служба соопшти дека јуни бил еден од најтоплите месеци досега, а властите очекуваат високите температури да продолжат и во наредниот период. Поради тоа, градските служби во Барселона воведуваат дополнителни мерки за заштита на работниците, меѓу кои се почести паузи, работа во постудените делови од денот и користење на современа технологија за следење на здравствената состојба. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс