Бања Лука го очекува Путин, но Кремљ сè уште молчи

Најавата на Додик има силна политичка тежина, но засега останува без официјална потврда од Москва.

Најавата на Милорад Додик дека Република Српска го очекува рускиот претседател Владимир Путин во Бања Лука ја отвори дилемата дали станува збор само за симболичен чин поврзан историјата и блиските односи со Москва, или за поширока геополитичка порака кон Брисел, Сараево и Вашингтон.

Додик во интервју за руската агенција ТАСС изјави дека Република Српска очекува Путин да присуствува на осветувањето на руско-српскиот храм во Бања Лука. Според него, храмот е речиси завршен, а останува уште внатрешното сликарство. Тој го опиша како место каде што „рускиот и српскиот свет“ ќе се сретнат и каде што ќе се промовираат заедничката историја, вера и братство.

Сепак, од Москва засега нема официјална потврда дека Путин ќе ја посети Бања Лука. Кремљ неодамна објави дека Путин во Москва се сретнал со претседателот на Република Српска, Синиша Каран, претседателот на Народното собрание, Ненад Стевандиќ, и со Милорад Додик, што покажува дека политичките контакти меѓу Москва и Бања Лука остануваат активни и јавни.

Потенцијалната посета на Путин во Република Српска би имала силна симболична и политичка тежина. Таа би дошла во момент кога Босна и Херцеговина останува политички блокирана, а Република Српска, предводена од СНСД, продолжува да инсистира на посебна политичка позиција во рамки на БиХ, често во судир со државните институции и дел од западните партнери. Додик со години се претставува како политичар кој се спротивставува на притисоците од Брисел и на улогата на високиот претставник во БиХ, а истовремено ги продлабочува врските со Москва.

е-Трн да боцка во твојот инбокс