Бабец театар од Битола одбележа 16 години со „Чествување на заветот“ и премиерата на „Мајка (Magna Mater)“

Бабец театарот од Битола одбележа 16 години постоење со два настани – „Чествување на заветот“, посветен на 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков, во НУ Народен театар Битола, и премиерата на детската претстава „Мајка (Magna Mater)“ во НУ Центар за култура.

„Мајка (Magna Mater)“ е авторски проект на Марјан Георгиевски, во продукција на Бабец театар.

Претставата ја зема како почетна точка фигурата на „Големата Мајка“ – Magna Mater, создадена пред речиси 8.000 години на македонско тло, во неолитската населба Тумба Маџари. Фигурата, поставена во центарот на домот, ја симболизира мајката како чувар на куќата, семејството и животот.

Преку оваа симболика, претставата зборува за мајката како оска околу која се движат домот, семејството, земјата и родот. Таа е посветена и на мајката која го дава животот и на земјата која го носи и крепи човекот – две идеи што во претставата се спојуваат во една.

„Животот поминува. Magna Mater останува“, е една од централните пораки на претставата.

Дизајнот на звукот е на Александар Димовски, видеооператор е Владимир Переловски, куклите ги изработи Николче Српчански, куќарките се изработени од House of Tree, а декоратер е Борче Ѓаковски.

По повод 16-годишнината, основачите на Бабец театар, Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски, се осврнаа на патот на театарот и идејата со која тој бил создаден.

„Кога го создававме Бабец театар, имавме една едноставна, но силна идеја – да создадеме место каде што љубовта кон театарот, креативноста и детската насмевка ќе бидат најголемата вредност. Денес, 16 години подоцна, гордо можам да кажам дека таа идеја прерасна во приказна која остави трага кај илјадници деца, родители и љубители на театарската уметност. Благодарен сум на сите актери, соработници, пријатели и поддржувачи кои беа дел од ова патување. Најголемата награда отсекогаш била искрената детска насмевка и аплаузот по секоја претстава“, изјавија Мирчевска и Мавровски.

Со одбележувањето на роденденот и премиерата на новата претстава, Бабец театар влегува во својата 17. година со уште една продукција посветена на најмладата публика и на македонското културно наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс