„AWAKE“ на Шејла Камериќ во МСУ – светлосна инсталација за сеќавањето, емпатијата и колективната ранливост

Инсталацијата AWAKE ќе биде претставена на 18 септември во 18 часот, како дел од програмата на КРИК – Фестивал за критичка култура 2026

Една од најзначајните современи уметници од Балканот, Шејла Камериќ, се враќа во Скопје со „AWAKE“ – светлосна инсталација создадена во непосреден однос со просторот на Музејот на современата уметност.

Инсталацијата ќе биде претставена на 18 септември, со почеток во 18 часот, како дел од програмата на КРИК – Фестивал за критичка култура 2026, во организација на „Контрапункт“.

„AWAKE“ го преобразува просторот на МСУ во место на будност, сеќавање и заедничка ранливост. Делото се занимава со чувството на вознемиреност и немоќ што го создава современата реалност, исполнета со војни, насилство, кризи и постојан прилив на застрашувачки информации.

Според најавата на организаторите, нормализирањето на ужасот е опасен симптом на денешницата на кој мора да му се спротивставиме. Покрај големите општествени трагедии, делото ги опфаќа и личните загуби, стравови и секојдневни грижи, потсетувајќи дека луѓето не се сами во искуството на несигурноста.

Камериќ со инсталацијата создава атмосфера што наликува на бдеење. Но, за разлика од вообичаените јавни собири поттикнати од конкретен трагичен настан, овде нема однапред одредена причина, единствен наратив или именувано сеќавање. Просторот е оставен отворен за различни искуства и за тивко, заедничко промислување.

„Да се биде буден, во речникот на Камериќ, значи да се одбие отрпнатоста. Таа инсистира дека свесноста е етички гест и дека препознавањето на болката на другиот е почеток на отпорот“, пишува Искра Гешоска во текстот посветен на делото.

Во „AWAKE“, светлината, сенките и сеќавањето создаваат мост меѓу личното и колективното. Набљудувачот повеќе не е само надворешен сведок, туку станува дел од самото дело и од заедничкиот чин на сеќавање.

Инсталацијата е повик за активно внимание и емпатија, но и за заедништво што не бара сите да бидат исти. Истовремено, таа потсетува дека будноста не значи само постојана подготвеност, туку и признавање на заморот од реалноста во која внимателноста понекогаш изгледа како единствена заедничка можност.

Ова се поврзува и со темата на годинешното издание на КРИК – „Грижа: Предизвикот повторно да бидеме заедно“. Преку „AWAKE“, фестивалот отвора простор во кој публиката може да застане, да се соочи со заедничката ранливост и барем за кратко да биде присутна со другите.

Шејла Камериќ е родена во Сараево во 1976 година. Во својата повеќедецениска уметничка практика ги истражува сеќавањето, идентитетот, политиката и наследството на конфликтите. Меѓу нејзините познати проекти се „EU/Others“, „Bosnian Girl“, „Ab uno disce omnes“ и „CEASE“.

Нејзини дела биле изложувани во значајни светски институции, меѓу кои „Тејт модерн“ во Лондон, Центарот „Помпиду“ во Париз, Музејот за современа уметност во Барселона, „Истанбул модерн“ и Националниот музеј на модерна и современа уметност во Сеул. Во 2026 година нејзината работа е дел и од „Манифеста 16 Рур“ и од Биеналето во Мардин.

Настанот ќе се одржи на 18 септември од 18 часот во Музејот на современата уметност во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс