Автобус со ученици удри во карпа во Црна Гора: Возачот е уапсен, водичот со скршеници на карлицата и ‘рбетот

Три деца и еден возрасен се пуштени на домашно лекување, додека водичот е пренесен во Клиничкиот центар на Црна Гора поради сериозни повреди

Тројца ученици и еден возрасен се здобиле со полесни повреди во сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот меѓу Мојковац и Колашин во Црна Гора. Водичот на групата е потешко повреден и е пренесен во Клиничкиот центар на Црна Гора, додека возачот на автобусот е уапсен.

По деталните прегледи и медицинскиот третман во болницата во Бјелопоље, трите деца и еден возрасен патник биле пуштени на домашно лекување во добра општа состојба. Од болницата за црногорскиот медиум „Вијести“ соопштиле дека кај четворицата биле утврдени полесни телесни повреди.

„По деталната дијагноза и хируршкиот третман, кај три деца и еден возрасен беа утврдени полесни телесни повреди и тие беа пуштени на домашно лекување во добра општа состојба“, соопштиле од болницата.

Кај другиот возрасен, односно водичот на групата Василија Шаровиќ, биле утврдени сериозни повреди – фрактура на карлицата и на ‘рбетниот столб. Поради состојбата, тој бил итно пренесен во Клиничкиот центар на Црна Гора, на Клиниката за неврохирургија.

Несреќата се случила синоќа околу 20:30 часот на главниот пат меѓу Мојковац и Колашин, во местото Штитаричка Риека.

Според досегашните информации, автобус со будвански регистарски таблички, кој превезувал ученици од основно училиште од Подгорица на екскурзија, удрил во одрон од карпа што се наоѓал на коловозот. Возачот М. Г. (53) од Алексинац е лишен од слобода. Тој е осомничен за кривично дело тешко кривично дело против безбедноста на јавниот превоз.

Истрагата треба да ги утврди околностите под кои дошло до несреќата, како и причините поради кои автобусот удрил во одронот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс