Австралиските здравствени власти алармираат за најголемата епидемија на дифтерија во земјата во последните неколку децении, откако бројот на заразени надмина 220 случаи. Најпогодени се Северната Територија, Западна Австралија, Јужна Австралија и Квинсленд.
Според австралискиот министер за здравство Марк Батлер, станува збор за „најголема епидемија на дифтерија што Австралија ја видела со децении“. Властите наведуваат дека бројот на случаи е околу 30 пати поголем од просекот во последните години.
Дифтеријата е сериозна бактериска инфекција што ги зафаќа грлото, носот и кожата, а може да предизвика проблеми со дишењето, оштетување на срцето и нервниот систем, па дури и смрт. Болеста најчесто се пренесува преку капки при кашлање и кивање.
Најголем дел од случаите се регистрирани во оддалечени и рурални средини, особено меѓу домородното население. Дел од здравствените организации ја критикуваа реакцијата на властите, оценувајќи дека одговорот бил предоцнет и дека епидемијата со месеци се ширела без доволно предупредувања и вакцинација на населението.
Австралиската влада веќе одобри пакет од 7,2 милиони долари за дополнителни вакцини, медицински тимови и мобилни центри за имунизација. Здравствените служби повикуваат граѓаните да проверат дали примиле бустер дози, бидејќи заштитата од дифтерија со текот на времето слабее.
Експертите предупредуваат дека повторното појавување на болеста е поврзано со падот на стапката на вакцинација по пандемијата со ковид, како и со недоволната имунизација кај возрасните. Иако дифтеријата со години се сметаше за речиси искоренета болест, актуелната состојба покажува дека таа и понатаму претставува сериозна закана доколку опфaтот со вакцинација се намали.