Autechre вечерва во МКЦ: Концерт во целосна темнина за првпат пред скопската публика

Британското дуо Шон Бут и Роберт Браун за првпат настапуваат во Скопје, а публиката ќе го слуша концертот без визуелни елементи.

Скопје вечерва ќе биде домаќин на едно од најзначајните имиња на експерименталната електронска музика. Британското дуо Autechre, составено од Шон Бут и Роберт Браун, за првпат ќе настапи пред македонската публика во Младинскиот културен центар.

Концертот ќе се одржи во целосно затемнет простор, со концепт во кој звукот останува единствениот фокус. Организаторите најавуваат и посебен безбедносен протокол за публиката за време на настапот. Покрај Autechre, вечерната програма ќе ја дополнат MDX, диџеј-проектот на Енди Мадокс, и македонскиот музичар Александар Ордев.

Autechre се активни повеќе од три децении и се меѓу препознатливите имиња на експерименталната електронска и IDM-сцената. Дуото од Манчестер изгради специфичен музички јазик со комплексни структури, необични ритми и неконвенционални пристапи кон електронскиот звук. Нивната музика често ја поместува границата меѓу ритамот, текстурата и чистиот звук, а настапот во целосна темнина дополнително го менува начинот на кој публиката ја доживува електронската музика.

Скопскиот концерт е дел од нивната концертна активност во 2026 година и доаѓа по турнејата во 2025 година, во рамки на која настапуваа во Европа и Јапонија. За скопската публика ова ќе биде поинакво концертно искуство: без екрани, сценски ефекти и визуелни дистракции – само звукот на Autechre и просторот околу него.


е-Трн да боцка во твојот инбокс