Како да се интегрира заштитеното културно наследство во современиот ритам на живеење, без притоа да се наруши неговиот историски идентитет? Ова прашање, кое започна како студентска љубопитност преку два магистерски проекти, сега прераснува во меѓународна архитектонска дебата. АРХРИД колектив го најавува архитектонскиот настан „Антички театар: адаптивен континуитет“, кој ќе се одржи на 13 јуни 2026 година со почеток во 19:00 часот, на самиот локалитет Антички театар во Охрид.
Академската идеја добива меѓународна верификација
Античкиот театар во Охрид одавна помина низ процесот на археолошки истражувања и реставрација, со што успешно се трансформираше во активна летна сцена и главна туристичка атракција. Но, во ера на брзи урбани трансформации, зачувувањето на ваквите локалити бара повеќе од обично одржување. Потребен е интердисциплинарен пристап и неконвенционални решенија кои ќе одговорат на современите предизвици.
Наместо како изолиран проект, овој труд треба да се согледа како повеќегодишна еволуција на една идеја. Таа се развива од нејзиното академско дефинирање, преку меѓународна верификација, па се до денешната општествена и професионална контекстуализација, појаснуваат организаторите од АРХРИД колектив. Настанот на едно место ќе ги обедини изложбата на конкурсните трудови, стручните предавања на домашни и странски експерти, како и промоцијата на специјалната истоимена публикација, која публиката ќе може да ја набави на самиот настан.
Експерти од регионот и Европа носат нови визии
Програмата на настанот е строго конципирана со фокус на ретроспективата, но и на практичните меѓународни искуства за адаптација на римски театри. По официјалното отворање и воведното обраќање на АРХРИД колектив во 19:00 часот, стручната дебата ќе започне со излагање на домашните експерти, по што ќе следат предавања на гости од Хрватска и Германија.
Професорката Елизабета Касапова од Архитектонскиот факултет во Скопје ќе одржи предавање на тема „Античкиот театар во Лихнид / Охрид низ времето“, каде ќе понуди историски преглед и контекст на локалитетот. Веднаш по неа, професорот Емил Јурцан од Хрватска ќе ги презентира практичните искуства од регионот преку темата за реконструкција на римскиот театар во Пула. Програмата ќе ја заокружи Ларс Вестхоф од Германија, кој преку предавањето „Lychnidos ex Machina“ ќе претстави нови визии и технолошко-архитектонски пристапи за локалитетот. Вечерта ќе заврши со неформален дијалог помеѓу институциите, архитектите и локалната заедница.