Националниот археолошки музеј во Скопје на 20 септември ќе биде домаќин на „Светот на Хомер“, игрифицирано музејско доживување кое ги поврзува еповите „Илијада“ и „Одисеја“ со археолошки предмети и активна истражувачка работа на публиката.
Настанот нуди поинаков пристап кон античкото наследство, каде што посетителите нема пасивно да слушаат излагање, туку директно ќе истражуваат оригинални предмети, реплики и визуелни мапи.
Програмата прави историски мост меѓу Кокино, микенската цивилизација, Троја и Пајонците, обединувајќи ги артефактите од музејската поставка во една целина.
Централен дел од двочасовното доживување се две наменски авторски игри. Првата е „Патот на Сонцето“, инспирирана од мегалитската опсерваторија Кокино, а втората е стратешката игра „Светот на Хомер“, преку која учесниците ги совладуваат предизвиците зад Хомеровиот свет.
Концептот е на Василка Димитровска, археолог и сертифициран тренер за интерпретација на наследството, како и основач на креативното студио „Креактива“.
Настанот се организира во рамките на манифестацијата Европски денови на наследството, со почеток во 10:30 часот. Заради директно и посветено учество на секој посетител, групата е строго лимитирана на најмногу 15 учесници.