Регионално признатиот виртуоз, пијанист и композитор Васил Хаџиманов, заедно со неговиот бенд, ќе биде специјален гостин на големиот самостоен концерт „Срцевина“ на Архангел, кој ќе се одржи на 13 јуни на стадионот на АРМ во Скопје.
Концертното гостување доаѓа како резултат на новата студиска соработка меѓу фронтменот на бендот, Ристо Вртев и Хаџиманов, со што концертот добива дополнителна тежина и ексклузивност за публиката. Според најавите, дел од новиот материјал што се создава во Белград наскоро ќе биде претставен и пред македонската публика.
Вртев посочува дека отворањето на сопствениот креативен процес кон други врвни музичари претставува ново и возбудливо авторско искуство, а токму оваа соработка со Хаџиманов ја отвора следната фаза во музичката приказна на Архангел.
Настапот на Васил Хаџиманов и неговиот бенд е уште едно од изненадувањата што го најавуваат концертот „Срцевина“, кој веќе предизвикува голем интерес кај љубителите на алтернативната и современата музичка сцена во регионот.
Влезниците за концертот се достапни преку karti.com.mk и низ продажната мрежа низ Македонија.