Американците повеќе им веруваат на демократите за економијата

Рејтингот на Трамп падна на 35 отсто, додека скокот на цените на горивата по војната со Иран го брише републиканското водство.

Американците за првпат по речиси една деценија сметаат дека со економијата подобро би управувале демократите отколку републиканците, покажува најновата анкета на Ројтерс и Ипсос. Во исто време, поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на 35 проценти, што ги става републиканците во тешка позиција пред претстојните избори за Конгресот во ноември.

Анкетата спроведена деновиве покажува дека работата на Трамп ја одобруваат само 35 отсто од анкетираните, што е пад за два процентни поени во споредба со минатиот месец. Ова е на само еден процентен поен над најниското ниво забележано за време на неговиот тековен мандат.

Главната причина за незадоволството е бранот поскапувања. На расположението на гласачите директно влијаеше силниот скок на цените на горивата по американско-израелските напади врз Иран во февруари и војната што следуваше. Од почетокот на воените дејствија, цената на бензинот во САД порасна за повеќе од 25 отсто, односно Американците на пумпите плаќаат во просек над еден долар повеќе по галон.

Меѓу регистрираните гласачи, 37 проценти сметаат дека Демократската партија има подобар пристап кон економијата, наспроти 36 проценти кои ги избраа републиканците. Иако разликата е мала, таа означува историски пресрт, бидејќи републиканците ја држеа предноста на оваа тема уште од првиот мандат на Трамп, низ целиот мандат на Џо Бајден, па сè до неодамна.

Доколку изборите за Конгресот се одржат сега, 42 отсто од регистрираните гласачи би гласале за кандидат на демократите, додека 37 отсто би дале поддршка за републиканец. Посебно изразена е разликата кај независните гласачи, каде што демократите водат со 12 процентни поени предност.

Американскиот претседател повторно ги отфрли резултатите од истражувањата на јавното мислење. На мрежата Truth Social, тој порача дека неговите вистински бројки се најдобри досега и ги обвини медиумите за измислување податоци.

Сепак, претстојните избори на 3 ноември ќе бидат клучен тест, бидејќи републиканците бранат тесно мнозинство во двата дома на Конгресот, каде што контролата ќе се решава во триесетина неизвесни трки за Претставничкиот дом и осум за Сенатот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс